Вкупно 120 лица на поширокото полошко подрачје се лишени од слобода за производство и дилање дрога во текот на минатиот месец, поточно од 6-ти до 28-ми септември. Најголемиот број од приведените (92) се на тетовското, а 28 на гостиварското подрачје. Станува збор за претежно машки лица на возраст од 15 до 45 години, не само од Тетово и Гостивар, туку и од повеќе села, кај кои e пронајдена, фотодокументирана и одземена марихуана, кокаин, хероин, хашиш и екстази.
Оваа акција, како што се наведува во денешниот Билтен од МВР, е во рамките на планираните активности на Секторот за внатрешни работи Тетово за откривање и санкционирање на лица кои се инволвирани во „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.
По целосно документирање на случаите, против лицата се поднесуваат соодветни кривични пријави.