Во сенка на утрешната историска посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас, власта и опозицијата утре ќе се обидат конечно да се договорат за СЈО.
Преговарачките тимови на власта и на ВМРО-ДПМНЕ утре во 15 часот повторно ќе седнат на маса да разговараат за Законот за јавно обвинителство со кое се решава и судбината на СЈО, потврдија од Министерството за правда за Плусинфо.
Последната средба на двете страни беше во четвртокот попладне, а нови средби се најавуваа и за време на викендов, но до нив не дојде.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе 65 амандмани на предложениот закон од Правда, а по последната средба тие не постигнаа договор и најавија дека оставаат простор за консултации, по што преговорите ќе продолжат.
И едната и другата страна изјавија дека постојат сериозни разлики, но оти расположение има.
Според она што е познато, најсериозни се разликите во однос на тоа каков да биде статусот на СЈО. Власта предлага тоа да биде посебно обвинителство со поголема автономност кое ќе гони висока корупција, додека ВМРО-ДПМНЕ, пак, бара тоа да биде само оддел во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Втората крупна разлика е во однос на истрагите отворени по истекот на рокот од 18 месеци. Владејачкото мнозинство во предлогот предвидува тие да продолжат, но бомбите да не важат како докази, додека опозицијата бара истрагите да се прекинат, па одново да се отвораат и да се собираат докази, а тоа што досега е сработено да служи само како индиција.