Во „Света Софија“ промоција на Монографија за возобновувањето на Дебарско-кичевската епархија

133

Во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид денеска беше промовирана Монографијата за 50-годишнината од возобновувањето на Дебарско-кичевската епархија.

Во обраќањето пред присутните на промоцијата претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), академик Таки Фити, истакна дека станува збор за капитално дело, како што посочи, „сработена тешка, но благородна работа“, посветена на црковниот живот на територијата на денешната Дебарско-кичевска епархија што опфаќа пет намесништва – Охридско, Струшко, Дебарско, Кичевско и Бродско.

Црковниот живот во епархијата има долга историја и традиција, свој милениумски опстој и развој кој почнува од ранохристијанскиот период некаде кон крајот на третиот и почетокот на четвртиот век, преку раниот и среден век односно епохата на светите Климент и Наум, потоа периодот на издигнувањето на Охридската Архиепископија, византискиот и османлискиот период, периодот на македонската предродба во 19 век се до денешен ден, истакна меѓу другото Фити во неговата промотивна беседа.

Фити својот дел од промоцијата го посвети на првиот дел на самата Монографија, односно на прилозите, авторските студии на еминентни научни истражувачи кои ја следеле хронологијата на историските настани, собитија и христијански традиции во југозападниот дел на Македонија, особено во Охридскиот регион. Притоа тој се осврна на трудовите на академик Вера Битракова – Грозданова, проф.д-р. Сашо Цветаноски, проф.д-р. Александар Трајановски и на д-р. Дејан Борисов, секој од нив посветен на одреден период од црковното делување на овие простори.

За делот на Монографијата посветен на структурата и делувањето на Дебарско-кичевската епархија и нејзините составни и органски единици говореше епископот Хераклејски г-дин Климент, кој нагласи дека имајќи ја предвид хронолошката рамка и повеќеслојноста и обемноста на содржините поместени во Монографијата не може во едно обраќање да се пренесат сите аспекти и значења што публикацијата ги содржи и објавува во себе.

– Приредувачите не само што умешно се потрудиле делото да го стандардизираат со востановените обрасци во православниот свет, туку успеале вешто и креативно да го надградат до најсовремени стандарди. Во стручен поглед овој шематизам ги надминува класичните рамки. Поткрепен со богат илустративен материјал, пописни податоци, значајни текстови истиот претставува уникатна духовна ризница на скапоцен материјал, рече тој.

На промоцијата на Монографијата и претходеше Утрена богослужба и Света архиерејска литургија по повод празникот Свети преподобен Софрониј, Свети Јован Молчалник и преподобен Теодул со која чининачалствуваше неговото блаженство митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, заедно со архиереите на МПЦ-ОА.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...