На Клиниката за детски болести во моментов има 9 деца со морбили, од кои две се во потешка состојба, која може да се влоши во секој момент. На клиниката се организираат и три оддели каде се сместени деца со грип – велат од оваа установа.
А на Инфективната клиника во моментот има 21 пациент со морбили и компликации од болеста.
– Во текот на вчерашниот ден прегледани се 7 пациенти со морбили, од кои 2 се примени за болничко лекување. Едниот пациент е на возраст од 38 години, од Кисела Вода, со непознат вакцинален статус. Другиот пациент е 2,5 годишно дете од Јурумлери, Гази Баба, кое е невакцинирано. Останатите 5 пациенти се прегледани амбулантски и пратени на домашно лекување (две деца на возраст под една година од Бутел кои биле невакцинирани, 25-годишен пациент од Гостивар, без податок за вакцинален статус, двајца пациенти од Бутел на 35-годишна возраст, од кои едниот со примена една вакцина, а другиот без податок за вакцинален статус) – информираат од Инфективната клиника.
Досега се регистрирани над 200 заболени од мали сипаници, најмногу во Скопје, а, за жал, од петокот до вчера починаа и три деца.
Комисијата за заразни болести вчера донесе нови противепидемиски мерки – сите родители кои имаат деца со наполнети 6 месеци, а живеат на територијата на градот Скопје, од денеска да се јават во најблискиот вакцинален пункт за да ги вакцинираат своите деца со МРП вакцината.