Mинатиот месец во ресторанот Портофино во Сплит биле одбележани 40 години од УНЕСКО-вата заштита на Диоклецијановата палата, настан за кој пишувале сите хрватски медиуми поради необичното мени на кое главен акцент бил ставен на гарумот, заборавена состојка од историјата, продукт од ферментирани изнутрици од сина риба која ја употребувале старите Римјани како додаток во јадењата што ги приготвувале за своите декадентни забави. Освен ова, на менито во Портофино имало и многу други гастрономски специјалитети од времето на центурионите, меѓу кои и див гулаб.
Во декември пак, таму ќе биде запалена првата адвентска свеќа во Сплит (карактеристичен за прославувањето на католичкиот Божиќ е т.н. адвентски период кога се палат четири адвентски свеќи, секоја недела по една) и ќе биде претставена македонската кујна. Зошто токму македонската?
Затоа што сопственичката на ресторанот Портофино, кој е годинава домаќин на настанот, е нашата неготинчанка Гордана Гарбин.
Бевме да се запознаеме со неа и да видиме кој е тој ресторан „Портофино“ за кој хрватските медиуми пишуваат со суперлативи.
После прошетката по вжештените измазнети камени плочници низ Сплит, влеговме во овој пријатно разладен и прекрасно уреден простор во медитерански стил, кадешто не пречека нашата домаќинка, уште од првото „здраво“ гостопримлива, љубезна и отворена, со манири и искуство на светски патник, придобивки несомнено создадени од нејзиното 9-годишно работење на крузер.
Денеска таа со своето семејство, сопругот Денис Гарбин кој сѐ уште работи во американската компанија „Ројал Карибиан“, кадешто тие двајца и се сретнале, и речиси петгодишното синче Бруно, живее во Сплит.
Целиот текст прочитајте го на порталот „Арт кујна“.