Бројот на жени што умираат од карцином на грлото на матката во Македонија се зголемува и во 2014 година изнесува 4,1 на 100 000 жени, наспрема 1,5 на 100 000 во 2011 година. Стапката на смртност од карцином на грлото на матката во земјите од Европската Унија, каде што постои добро скрининг на карцином на грлото на матката, е стабилна и значително пониска отколку во Република Македонија, велат од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.
-На Министерството за здравство му треба само 0,02% од буџетот за да обезбеди намалување на стапката на смртност кај жените од рак на грлото на матката-стои во соопштението.
Оттаму велат дека бараат Министерството за здравство со Програмата за скрининг на рак на грло на матка во наредниот тригодишен период да опфати 50% од жените на возраст од 24 до 60 години. За таа цел за спроведување на еден циклус на скрининг на карцином на грло на матка за наредните три години години (2019 -2021 година) да обезбеди вкупно 109.942.5601 денари, односно 36.647.520 денари на годишно ниво. А пак, за наредниот циклус на скрининг на карцином на грло на матка во периодот од 2022 до 2025 година да опфати 80% од женската популација, за таа потреба да обезбеди 163.149.558 денари за период од три години или 54.383.186 денари на годишно ниво.
-Во претходниот циклус на скринингот од 2012 до 2016 година преку програмата за скрининг на рак на грло на матка само 29% од жените на возраст од 24 до 60 години се поканети да направат ПАП тест, додека само 18% направиле ПАП тест преку програмата. Во истиот период се бележи пораст на стапката на смртност од овој вид на карцином. Во периодот од 2012 до 2018 година Министерството за здравство во просек издвојува 33,5 милиони денари за спроведување на активности за рана детекција на малигни заболувања (карцином на грлото на матката, карцином на простата, карцином на дојка и колоректален карцином), од кои во просек 28 % (9,4 милиони денари) се средства за спроведување на скрининг на карцином на грлото на матката-се вели во соопштението.
Оттаму додаваат дека програмата за рана детекција на малигни заболувања била предмет на чести измени и дополнувања во текот на секоја фискална година. Во периодот од 2012 до 2018 година Министерството за здравство во просек два пати во текот на секоја фискална година го менувал и го намалувал буџетот за Програмата за скрининг на карцином на грлото на матката.
-Покрај континуираните намалувања на буџетот за скрининг на карцином на грлото на матката, Министерството за здравство секоја година троши во просек 1 % помалку средства од претходната година. Со оваа пракса Владата и Министерството за здравство ги кршат основните права на жените за пристап до скрининг на карцином на грлото на матката. Во 2018 година, со увоениот буџет за Програмата се обезбедени повеќе средства во однос на претходната година (10.000.000 денари). Но, останува да го следиме нивото на нивна реализација-се наведува во соопштението.