Во координирана полициска акција на 54 локации во 24 градови пронајдени и одземени се поголеми количества дрога и оружје.
Во текот на вчерашниот ден, како што информира Сузана Прањиќ Талевска, началник на Одделение за информации од јавен карактер при Министерство за внатрешни работи, од страна на Бирото за јавна безбедност, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Одделот за криминалистичка полиција, сите осум сектори за внатрешни работи во државата во соработка со Одделот за специјални полициски операции и во координација со основните јавни обвинителства била спроведена координирана полициска акција со цел спречување на кривични дела поврзани со недозволена трговија со дрога на територијата на цела Македонија.
Таа истакна дека по претходно изготвен план за преземање на конкретни мерки и активности со наредба од судија на претходна постапка во текот на вчерашниот ден биле реализирани симултани претреси во вкупно 24 градови на дури 54 различни локации, додека пронајдените и одземени количини на наркотична дрога и пронајденото оружје се веќе предадени на вештачење.
– Од досега спроведените мерки и активности на МВР за борба против уличното дилерство во текот на изминатите два месеца на територијата на Македонија запленети се вкупно околу 22 килограми марихуана, над 500 стебла од марихуана, семки од канабис, кокаин, хероин, хашишово масло, околу две илјади милилитри метадон, околу 200 парчиња таблети МДМА и екстази. Покрај ова, одземени се три пиштоли, една ловна пушка, една рачна бомба кашикара, 56 куршуми од различен калибар, по четири ваги и дробилки, како и седум патнички моторни возила и еден мотоцикл, рече Прањиќ Талевска.
За овие кривични дела, како што истакна, поднесени се 30 кривични пријави против 36 лица, од кои во 18 е одредена мерка притвор и една мерка на претпазливост, додека за едно лице е распишан и централен распис.
Прањиќ Талевска информира дека активностите на МВР во борба против уличното дилерство ќе продолжат и во идниот период со засилен интензитет.