Во Новата Година да си посакаме слобода!!!

787

Нова Година, за наша среќа, сѐ уште не ни е оспорена ниту од соседите, ниту од пријателите од Запад и Исток. Неа можеме да ја славиме и без да потпишуваме договори и декларации или без да бараме дозвола од некого. Нова Година можеме да ја славиме дури и без да го смениме името на државата и без да се откажеме од Гоце Делчев и од нашата историја.

А токму на тој ден ќе се изнаредат сите официјални лица со честитки до народот. Политичката елита ќе ни посака здравје, среќа, успех… и толку! Си мислат дека го завршиле своето. Но дали на македонскиот граѓанин му е потребна само таква честитка, дали му е доволна? НЕ! На нашиот човек му треба многу повеќе од обична честитка. Му треба ослободување!

Ослободување од политичките лоши навики да го третираат народот како стока и при тоа не покажуваат основни елементи на срам. Уште пострашно е што таа навика ја наметнаа да стане правило во секојдневното живеење на сличните како нив. Затоа и не изеде нивниот срам, кој нас не боли.

Нам ни треба и ослободување од лошата состојба во државата: очајното здравство, запуштеното образование, отровниот воздух, неперспективноста и на економијата и на младите… Таа слобода се стекнува откако ќе се ослободиме од ликовите кои во минатата година ја креираа таквата атмосфера.

Да се ослободиме од разните ликови кои водени од сопственото незнаење или личниот интерес експериментираат со економскиот систем, наметнувајќи нереални правила и даноци, штетни по бизнисот. Да не зборуваме за рекетирања и слични други удари кои мора да ги трпи македонскиот бизнисмен кој е паметен и креативен, само треба да се остави на мир и да му се овозможат услови за работа. Ослободување ни треба и од приучени теоретичари, министерчиња, директорчиња и советничиња кои повеќе одмагаат отколку што помагаат. На Македонија и треба луѓе што знаат да создаваат.

Да, треба да се ослободиме и од чувството на „мала вредност“, од коленичењето и молењето по белосветски „офиси“, но и кај партиски и државни апаратчици. Тие се ослободија од македонскиот патриотизам, а сите ние не треба да го направиме тоа!

Македонскиот граѓанин треба слободно да живеат, со полни гради, со отворен ум, за да има можност да остави траг, да биде среќен и да ужива во тој момент!

И слободно и гласно да им посакаме на политичките елити:

Работете повеќе за Македонија и не лажете!

Извор: Скопскоехо.мк

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...