Камион полн со нафта експлодирал во сообраќаен метеж во Нигерија, при што загинале најмалку девет, а повредени се најмалку пет луѓе, изјавиле службени лица.
Камионот со нафта се забил во автомобил и се запалил на мост на брзиот пат помеѓу Лагос и Ибадан. Владини службеници изјавиле дека очекуваат бројот на загинати да се зголеми. Изгореле повеќе од 50 возила, меѓу кои и 5 автобуси.
– Се уште се бориме со пожарот и спасувачките екипи се обидуваат да дојдат до мостот. Многу луѓе останаа заробени во пожарот – изјавил шефот за итни случаи од Лагос Адесина Тимили.
Според некои сведоци, на камионот пред сударот му откажале кочниците. Слични сообраќајни несреќи се чести во Нигерија.