Поради претстојниот „Виз Ер Скопски Маратон 2018“, организиран од „Сојузот на спортови на Скопје“ и на кој е предвидено да учествуваат околу 10.000 натпреварувачи од педесетина земји, во недела на 6 мај одредени сообраќајници ќе бидат забранети за сообраќај. Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на градот.
МВР соопшти дека за трката на 5.000 метри предвидена е траса на движење преку плоштад Македонија, преку Камени мост лево покрај новиот театар, па лево преку мостот Гоце Делчев до бул.Илинден и по него лево по улиците „Рузвелтова“, „М.Т.Гологанов“, „Димитрие Чуповски“, „11-ти Октомври“ и пред Порта Македонија се врти лево на плоштад Македонија каде е целта.
Стартот на полумаратонот на 21 километар е од плоштадот Македонија преку Камени мост, лево покрај новиот театар, лево по мостот Гоце Делчев по бул. Илинден лево по ул. „Љубљанска“ и ул. „Московска“, десно по ул „.Војвода Васил Чакаларов“, на крајот на улицата се врти назад и се оди по улиците „М.Т.Гологанов“, „Димитрие Чуповски“, „11-ти Октомври“, „Крушевска република“, по бул. „Трета Македонска бригада“, ул. „Фрањо Клуз“, бул. „Јане Сандански“ до крајот пред семафорот со бул. „Србија“ каде се врти назад по бул. „Јане Сандански“, и улиците „Фрањо Клуз“, „Крушевска Република“, „11-ти Октомври“, се влегува низ Порта Македонија и на плоштадот, каде е и целта.
И главната маратонска трка ќе се одвива по истите сообраќајници како полумаратонот, но со уште еден дополнителен круг.
Полицијата апелира до граѓаните за разбирање и почитување на посебниот сообраќаен режим во текот на одржувањето на настанот.
– Градот Скопје традиционално е домаќин и покровител на Виз Ер Скопскиот маратон кој на наше огромно задоволство прерасна во еден од најпознатите маратони на Балканот. Ги отвораме вратите за натпреварувачите од 58 земји од светот кои се пријавени да учествуваат во трките. Посебно ме радува податокот што меѓу натпреварувачите годинава пријавени се и 37 вработени во администрацијата на Градот Скопје на кои од срце им посакувам успешна трка – изјави Шилегов.
За потребите на организацијата на маратонот Градот Скопје обезбеди логистичка и финансиска поддршка. Сите јавни претпријатија на градот се ставени на располагање да се погрижат за состојбата и безбедноста на патеката долга 42.195 метри.
Кире Синадиновски, директорот на Виз Ер Скопски маратон, потенцираше дека цела година жителите на Скопје ги гледа растрчани низ градот, не само на денот на маратонот. Некои трчаат во парк, некои покрај Вардар, некои на тротоар. Не го криеше своето најискрено задоволство што успеале да ги обединат сите тркачи и со нив да се дружат барем еден ден во годината.
-На некои од нив тоа им е малку, па своите тркачки желби ги исполнуваат и на маратоните во странство. Таа промоција на Виз Ер Скопски маратон е најзначајна. Кога нашите тркачи посетуваат други метрополи и патеки и кога луѓето од другите држави од цел свет доаѓаат кај нас. Тука разменуваме многу интересни енергии и искуства кои никогаш не се забораваат – порача Синадиновски.
Во рамките на Виз Ер Скопскиот маратон ќе се одржи и Детски мини маратон во сабота, 05.05.2018, во 10 часот во општина Аеродром, во паркот кај авионот. Партнери на Детскиот мини маратон се Македонски олимписки комитет и УНИЦЕФ.
Со почит,