Македонија и Албанија ќе бидат единствената „врела“ точка на Самитот на Европската Унија во расправата за земјите кои му припаѓаат на процесот на проширување. Во нацрт верзијата од заедничкиот заклучок стои одлуката Советот на ЕУ да даде зелено светло и да започнат пристапните преговори со Скопје и Тирана, објави Радио Слободна Европа на црногорски, повикувајќи се на увид во овој документ кој го имала редакцијата.
Меѓутоа, пишува РСЕ, голема е веројатноста во текот на расправата на Самитот во Брисел на 28 и 29 јуни, да се измени текстот во параграфите кои се однесуваат на отворањето преговори за членство со Македонија и Албанија.
Текстот кој се однесува на останатите земји од Западен Балкан, нема да доживее суштински промени и пораките кои ќе бидат испратени во заедничкиот заклучок ќе бидат идентични како што се во нацрт-верзијата.
Медиумите во земјава и во регионот последниот период пишуваа дека постои помала група на земји кои се негативно расположени во однос на проширување и бараат прво да има внатрешни реформи во ЕУ.
Според тоа што го објави РСЕ, во заклучокот од самитот, Советот ќе го поздрави надминувањето на длабоката политичка криза во Македонија и примената на договорот од Прижино. Ќе се поздрави и тоа што новата влада, иако во тежок политички контекст, сепак успеала да ја врати културата на постигнување компромис со тоа што се отворила кон сите релевантни фактори, вклучувајќи ја и опозицијата.
Советот ќе го потсети официјално Скопје и на важноста дека треба да има одговорност за сите криминали произлезени од аферата со прислушувањето, како и дека мора да има одговорност за упадот во Собранието на 27 април лани.