Во МНР одбележан Денот на Обединетите нации

162

Во Министерството за надворешни работи денеска беше одбележан Денот на Обединетите Нации, 24 Октомври. Оваа година се одбележуваат 73 години од постоењето на ОН, а во главниот фокус е темата „Никој да не биде изоставен“.

Како што соопшти МНР, свои обраќања, по повод Денот на ОН имаа премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи, Никола Димитров и резидентниот координатор на ОН и постојан претставник на УНДП во Република Македонија, Луиза Винтон.

Премиерот Заев во обраќањето се осврна на целите и принципте од Повелбата на ОН, како и на значењето на соработката која Република Македонија ја има со ОН.

– Мораме да бидеме искрени и да кажеме дека независноста и местото во меѓународната заедница на нашата земја беше, и сè уште е силно поддржана од мултилатералните институции. Тоа е уште еден мотив повеќе, и ние како земја членка на ОН повеќе од 70 години, да го дадеме нашиот придонес во остварувањето на глобалните предуслови за одржлив развој на светската заедница на народите – рече Заев.

Шефот на дипломатијата Димитров истакна дека Македонија ќе продолжи да ги промовира суштествените вредности на ОН за унапредување на мирот, правдата, човечкото достоинство, дијалогот, толеранцијата и солидарноста.

– И во време кога се доведува во прашање кредибилитетот на ОН, ние успеавме, со поддршка од ОН, да дојдеме до решение на проблемот што ја попречуваше нашата амбиција кон евро-атлантските интеграции. Тоа е потврда за релевантноста на ОН и за потребата да ја зајакнеме како многу значаен столб на меѓународниот поредок – посочи Димитров.

Винтон, од своја страна, ја потврди потребата од сестрана соработка, со цел остварување на целите за одржлив развој.

– Ние можеме да се справиме само со дел од предизвиците со кои се соочува земјата, дали во полето на создавање квалитетни работни места, градење силни институции, заштита на животната средина или обезбедување еднакви права за сите граѓани. Затоа, нашата порака за денес е дека не треба само Владата и агенциите на ОН да се грижат за остварување на целите за одржлив развој. Ниту една од целите не може да се постигне без поддршка од сите. Секој од нас може со нешто да придонесе – рече Винтон.

По повод одбележувањето на Денот на ОН, по минатогодишното промовирање на онлајн кампањата со наслов #ИЈасИмамЦел, беше активиран и Инстаграм профилот на истата кампања со цел да ги инспирира граѓаните да споделуваат она што го прават за да помогнат да се постигне нивната омилена развојна цел.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...