Во Македонија има околу 20. 000 болни со Алцхајмерова деменција, според светската статистика. Од нив, само 20 отсто се дијагностицирани и лекувани, значи околу 4.000 лица, вели за Плусинфо д-р Габриела Новотни, невролог на Универзитетската клиника за неврологија во Скопје.
Најнови сознанија за оваа болест ќе бидат презентирани на Конгресот за деменции којшто почнува денеска во Охрид, а на кој со свои презентации учествуваат над 400 психијатри, невролози и невропсихолози од земјава (200) и од земјите од регионот, Евpопа и светот. Настанот е во организација Светската психијатриска асоцијација (World Psychiatric Association-WPA) и Македонската психијатриска асоцијација и се одржува до сабота.
Во 2018 година во светот имало 50 милиони заболени од деменција, а до 2050 година се очекува овој број да се триплира и да достигне 152 милиони, па затоа и ја нарекуваат „епидемија на 21. век“.
– Кога зборуваме за деменција, најчесто мислиме на Алцхајмеровата болест, која е најчеста и најголем социо-медицински проблем и предизвик. За оваа болест сè уште нема терапија, во најава се сите лекови кои се уште се истражуваат. Важно е да се нагласи дека лековите би биле ефикасни само ако се дадат во ран стадиум на болеста, тоа значи дека првите симптоми треба навреме да се препознаат. За жал, во Македонија кај повеќе од две третини од пациентите деменцијата се открива во среден или веќе напреднат стадиум. Првите симпоми се потешкотии со краткото помнење – старите доживувања и настани ги паметат, а што појадувале и со кого се сретнале вчера, незнаат да кажат. Домашните најчесто им се лутат и им возвраќаат: „ Па 100 пати ме праша едно те исто“… Овие пациенти на почетокот имаат проблеми и со математички операции, па незнаат колку да платат или колку кусур треба да им биде вратен – појаснува д-р Новотни.
Исто така, лицата со деменција имаат и дезориентација во просторот и може лесно да се загубат.
– Населението старее, животниот век е продолжен, а со тоа бројот на заболени од Алцхајмерова деменција енормно бргу расте. На секои 3 секунди, во светот има еден нов заболен од Алцхајмерова болест. За ова сценарио да се промени, потребно е да се подигне јавната и професионалната свест за постоењето на болеста, а паралелно да се усовршува дијагностиката, третманот, но и социјалната грижа и реинтеграција на болните и нивните семејства во општеството – додава д-р Новотни.
Пленарни предавачи на Конгресот во Охрид се и проф. Бенгт Винблат од Каролинска Универзитетот во Шведска, кој е најцитираниот светски стручњак во оваа област и член на Комисијата за доделување на Нобеловата награда од областа на медицината, проф. Мек Кејт од Велика Британија, кој е добитник на престижни награди од областа, проф.Курц од Германија. Ќе учествуваат и експерти од регионот – професорот Пиртошек од Словенија, академик Костиќ, претседател на Српската Академија на науките и уметностите, како и експерти од нашата земја.