Во Македонија има 172 згрижувачки семејства

169

На ниво на Македонија има 172 згрижувачки семејства со 341 корисник, од кои 302 малолетни лица и 18 лица со посебни потреби. Згрижувачките семејства се од сите социјални категории. За секој корисник семејствата добиваат по 9.870 денари месечен надоместок. Двесте деца чекаат да бидат згрижени.

Ова за МИА го изјави Соња Атанасова, претставник на Министерството за труд и социјална политика по денешната средба што се одржа во Дебар, во рамки на кампањата „На секое дете му треба семејство“, која се спроведува во соработка со УНИЦЕФ.

Според неа, кампањата има за цел да ги поттикне граѓаните да станат згрижувачи на деца без родители и родителска грижа и да им овозможат да растат во безбедно и грижливо семејно опкружување исполнето со љубов. До 2020 година, додаде очекуваме да нема дете кое нема да биде згрижено.

Таа најави дека во тек е подготовка на нов закон со кој меѓу другото ќе може и роднински семејства да бидат инкорпорирани во оваа благородна и хумана активност.

– Кампањата почна пред два месеца и Дебар е 22. град во кој се одржува ваков настан. Потребата од проширување на мрежата на згрижувачки семејства е повеќе од потребна. Големата институција, како што е домот за деца без родителска грижа, без оглед на тоа колку е опремена и има добар персонал, никогаш не може да ги замени љубовта, топлината, грижата и поддршката на семејната средина – рече Јелена Велковска, претставничка на УНИЦЕФ.

За значењето на згрижувачките семејства, начинот на кој секој може да се информира и обуката зборуваа и Љупчо Трифуновски од организацијата„Прида“ која организира обуки, како и директорот на дебарскиот меѓуопштински центар за социјална работа, Крешник Пачуку и социјалниот работник Исмаил Мерсимоски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...