Оперативно техничката агенција, која согласно реформите ќе биде медијатор во процесот на следење на комуникациите, ќе почне со работа од 1 ноември, како што беше предвидено со законското решение. Новоформираната Агенција, што треба да придонесе за спречување на нелегалното прислушување во земјава, е сместена во просториите на Телеком.
Нејзиниот директор Зоран Ангеловски денеска имаше средба со членовите на собраниската Комисија за надзор над спроведување на посебната истражна мерка следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Министерството за одбрана.
Средбата беше од затворен тип, а пред нејзиниот почеток тој во изјава за медиумите нагласи дека во Македонија во моментов нема незаконско прислушување.
– Како директор можам да ви кажам на сите вас, на медиумите, на јавноста дека во моментов опремата е пренесена во ОТА и дека незаконско прослушување нема, тоа го гарантирам со целиот интегритет – нагласи Ангеловски пред почетокот на средбата со собраниската Комисија.
Бидејќи ОТА требаше да профункционира од 1 ноември, Ангеловски рече дека поради краткото време со кое располагале одлучено е Агенцијата да биде сместена во зградата на Телеком.
-Поради кусото време со кое располагавме, ОТА требаше да профункционира од 1 ноември, по моја одлука единственото место на кое можевме релативно брзо да ги поставиме сите технички услови беше ТК центарот на Телеком. Таму имаме изнајмено простор преку Владата. Просторот е во крајна фаза на подготовка и за почеток ОТА ќе биде таму – рече тој.
Ангеловски истакна дека пред членовите на собраниската Комисија ќе говори за сите досегашни изведени активности во ОТА и додаде дека тоа ќе биде и начинот на кој Агенцијата понатаму ќе комуницира со јавноста, преку комисиите кои ќе ја контролираат нејзината работа.
-ОТА ќе биде максимално транспаретна во својата работа пред комисиите што се надлежни да ја контролираат – додаде тој.
Појасни дека освен собраниската Комисија, надлежност за контрола на работата на ОТА имаат и Советот на граѓанска контрола, кој е новина во целокупниот систем на следење на комуникациите, како и комисиите формирани од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и Дирекцијата за лични податоци.
-Тие ќе имаат периодични ад хок контроли во ОТА, рече Ангеловски и додаде дека освен нив контрола ќе имаат и обвинителството, Врховниот суд и Народниот правобранител.
-Сите овие извештаи ќе бидат креирани врз база на контроли што ќе се извршуваат во ОТА и ќе бидат достапни за јавноста, нагласи Ангеловски.
ОТА е интермедијарно тело, агенцијата е медијаторот во процесот на пресретнување на комуникациите и треба да биде независна во делот на техничката улога во следењето. Со формирање на новата агенција, наредбата за прислушување од обвинителството ќе оди до ОТА. Нејзината улога ќе биде само техничка, по добивањето на наредбата таа ја вклучува мерката, што подразбира дека го пренасочува сигналот кон корисникот односно барателот на услугите. Вработените во ОТА нема да можат да да собират податоци, да слушаат, само можат да го вклучат сигналот. Корисникот, односно барателот може само да слуша да собира податоци, нема да може да приклучува.
Целта на оваа реформа, која произлезе од забалешките на Прибе, е да се воспостави реална контролна моќ врз присулушувањето. По незаконското прислушување на над 20 илјади лица во Македонија, што со години го спроведувала поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ, а на почетокот на 2015 година го објави тогашниот лидер на опозицијата, а сега премиер, Зоран Заев, преку проектот „Вистината за Македонија“, еден од топ приоритетите во извештајот на Рајхард Прибе беше реформирањето на безбедносниот сектор, со посебен акцент на тајните служби и системите за следење на комуникациите.
ФОТО: МИА