Со 32 гласа „за“ Советот на Град Скопје ја усвои одлуката за основање јавно претпријатие за хуман третман на животни скитници, а новото претпријатие ќе го носи името „Лајка“.
Во креирањето на организацијата на претпријатието и неговите органи ќе биде вклучен и невладиниот сектор со искуство во сферата на заштитата на животните, со цел бројот на кучињата скитници да биде сведен на минимум и тоа на начин кој ќе обезбеди нивна благосостојба, но истовремено да гарантира безбедно и непречено движење на граѓаните на јавните градски површини.
Новото јавно претпријатие ќе се формира од постојните служби што досега функционираа во рамките на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, а истото ќе ги преземе сите активности, каде што спаѓаат заловување на животните скитници, нивниот транспорт до стационар, прием и преглед од овластен ветеринар, лабораториско испитување на животните на одредени болести, стерилизација, постоперативно сместување, лекување и нега, ветеринарна грижа, идентификација и регистрација, вакцинација и дехелментација, враќање на местото на заловување или преземање процедури за вдомување од заинтересирани граѓани.
Одлуката за јавното претпријатие денеска ги подели советниците од власта и опозицијата.
– Колку пари планира Градот да одвои? Финансиската конструкција ниту е спомната, ниту објаснета. Дали невладиниот сектор е информиран за ова? Никаде не се спомнуваат стручните лица од надлежните институции во државата – се пожали советничката Светлана Колариќ од ВМРО-ДПМНЕ.
Советникот Михајло Маневски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека секојдневно чита по медиуми дека некој во населби низ Скопје е каснат од куче.
– Јас лично сум скептик дека со ова претпријатие ќе се реши проблемот со кучињата – рече тој и праша дали ова претпријатие ќе ги следи светските трендови.
Советничката Јелена Жугиќ од ВМРО-ДПМНЕ рече:
– Секоја чест за храброста. Претпријатието е на Град Скопје и ќе се самофинансира како што пишува. Ќе има и легла што ќе се продаваат? Не ми е јасно, „одгледување на други животни“, ова не ми е јасно.
Драгана Велковска од Левица рече дека како активист, ваквиот чекор го смета за позитивен.
– Граѓани се жалеа дека се незаштитени. Сега не само јас, ами голема поддршка за ова има и од тие кои слушнале за ваквата идеја во јавноста. Не треба да бидеме скептици, се гледа оти некој сака да им помогне на граѓаните – рече советничката Соња Клинчарска од СДСМ.
Имаше предлог од советник да има можност доколку семејство оди на одмор да го остави својот миленик во претпријатието.
Градоначалникот Петре Шилегов рече дека „Вардариште“ е минато.
– Не сум човек кој брза. Мислам дека е фер да дадеме шанса. Претпријатието ќе се самофинансира со тоа што ќе чува миленици на временски период за луѓе кои не се во можност да ги чуваат милениците – појасни тој.
Шилегов додаде дека кучиња што ќе бидат истренирани ќе може да се продадат или да се подарат, како и тоа дека ќе има и градска продавница. На обвинување на Колариќ дека тоа што не успеало „Вардариште“ можеби зборува за неговата неспособност како менаџер, тој одговори:
– Што ако јас сум од СДСМ, а вие од ВМРО? Љубители имате и од таму и од таму и непартиски граѓани. Исто важи и за каснати од кучиња, има и од таму и од таму. Затоа треба да се поддржи оваа идеја.
На седницата беше поставено и прашањето како во очи на избори, Шилегов нашол решение токму сега.
Во текот на 2018 година против Градот Скопје и ЈП Комунална хигиена поднесени се над 200 тужби за надомест на штета заради напад и гризнување од бездомни кучиња.