Продолжениот престој наменет за ученици со попреченост е прв од ваков вид што ќе се изгради во Куманово и ќе функционира по принципот на целодневен престој во градинките. Учениците ќе имаат можност да останат во престојот, да добиваат оброк, со нив ќе работи стручен тим. Родителите на децата со попреченост ќе имаат можност да ги остават згрижени своите деца и да бараат работа, а со тоа и да ја подобрат финансиската состојба во семејните буџети.
Градежните активности за изградба на објектот почнаа во септември, 2018 година. Реконструкцијата е завршена и доградбата опфаќа околу 150 метри квадратни, простории наменети за продолжен престој на овие ученици. Доградбата е дел од објектот каде настава следат ученици во посебните паралелки, познат во јавноста како поранешно училиште „Карпош“ во центарот на Куманово. Според надлежните институции се очекува да завршат процедурите за да може да отпочне со работа центарот што го гради Министерството за труд и социјална политика, со поддршка на општината, по претходно изработен проект на основното „Браќа Миладиновци“.
– Ова е добра можност за родителите на учениците кои следат настава во одделенијата на посебни паралелеки со различна попреченост од лесна интелектуална попреченост до церебрална парализа да ги остават своите деца во центарот и мирно да ги извршуваат своите обврски. Но, уште поголема можност за учениците полесно да ги совладаат пречките, да се стекнат со дополнителни знаења и вештини и да се вклопат во општеството – вели дефектологот во „Браќа Миладиновци“, Андријана Владимирова Тасевска.