Во критична состојба е 15-годишниот средношколец, кој утринава во 9 часот и 10 минути на големиот училишен одмор беше прегазен на пешачкиот премин на булеварот „Гоце Делчев“ во Штип.
Како што информираат од Клиничка болница-Штип, досега се извршени две операции на главата од страна на неврохирург. Во моментов тој е сместен во кома – центарот во штипската болница. Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова вели дека момчето движејќи се по преминот заедно со група средношколци бил удрен од возило „фолсваген поло“, со штипски таблички, управувано од 68-годишниот Б.М од Кочани. Според она што се гледа на местото на несреќата, возачот со возилото неколку метри го влечел по булеварот.
Директорот на Средното општинско училиште „Коле Нехтенин“, Дејан Павлов, истакна дека и покрај тоа што има сообраќаен знак што предупредува дека има училиште и пешачки премин, сепак, возачите на булеварот возат пребрзо, и од почетокот на годината до денеска се случиле три несреќи со последици.
-Не е првпат да се случи еден ваков немил настан за време на големиот одмор во нашето училиште. Изразуваме длабоко жалење во име на целиот пересонал и, воедно, апелираме до сите возачи да возат совесно пред нашето училиште, да ги почитуваат поставените сообраќајни знаци, бидејќи има прописно обележан пешачки премин и прописно поставени сообраќајни знаци, бидејќи и на некои од возачите може детето да се најде во ваква ситуација, вели Павлов.
Тој истакна дека како училиште имаат доставено барање за поставување и на лежечки полицаец, а најсоодветно решение за безбедноста на учениците е изградба на пешачки мост. Овој булевар е влез и излез на градот, кадешто возачите си дозволуваат да возат и со брзина од над 100 километри на час, а дозволената брзина е 50 километри на час. Ваков проблем имаат и студентите од Природно-техничките факултети, чиј пешачки премин се наоѓа на само неколку метри од преминот на училиштето.
Од полицијата велат дека извршен е увид на местото на несреќата од страна на полицијата и јавен обвинител и работат на расчистување на случајот.