Во Кривичниот суд за денеска се закажани нови рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тендери“, „Тортура“, „Т.Н.Т.“, „Тарифа“ и „Траекторија“.
Случајот „Тендери“ во кој првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност од проектот „Скопје 2014“ се наоѓа во доказна постапка.
Според обвиниението, дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа-Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.
Ново рочиште денеска ќе се одржи и за предметот „Тортура“, во кој се обвинети поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на единицата „Алфи” Ивица Антевски – Пуки и уште петтмина припадници на единицата.
Специјалното јавно обвинителство ги гони за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, за начинот на лишување од слобода на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.
Во Кривичниот суд за денеска е најавено рочиште и за предметот „Т.Н.Т“ што се наоѓа во доказна постапка. Меѓу обвинетите во случајот се поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој е во притвор во затворот „Скопје“ и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.
Ново рочиште денеска е закажано и за случајот „Тарифа“, во кој се обвинети поранешниот генерален директор на АД ЕЛЕМ Дејан Бошковски и уште две други лица.
Во овој предмет станува збор за обвинение за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра. Според обвинението на СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластување во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП систем“. Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.
На обвинителна клупа денеска треба да седнат и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој е во притвор во затворот „Скопје“, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и поранешниот директор на ЈП Државни патишта, Љупчо Георгиевски за предметот „Траекторија“.
Според обвинението на СЈО, тие во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според СЈО, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист.