Во Кочани и Македонски Брод ќе се распределат 53 социјални станови

116

Ќе се изврши електорнска распределба на 43 станови за социјално ранливи категории на граѓани во Кочани и 10 во Македонски Брод, информира на прес-конференција министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

На огласот кој е објавен денеска може да се пријават седум категории на социјалано ранливи категории на граѓани, односно деца без родители или родителска грижа –лица над 18 години кои до својата осумнаесетта година биле згрижени во институции и други облици за згрижување за деца без родители. Корисници на социјална или постојана парична помош. Лица погодени од елементарни-природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојни (примарни) живеалишта. Инвалидни лица и лица на кои им е потребна помош и грижа од друго лице и семејства со инвалидизирани лица.
Лица припадници на Ромската заедница социјално загрозени (согласно “Стратегијата за ромите на Република Македонија“)  Самохрани родители со малолетни деца и
Слепи лица корисници на социјална или постојана парична помош.

– Владата е силно посветена за грижа за најранливите категории на граѓани.
Во таа насока денеска ќе го презентираме огласот за доделување на 53 станови за социјално најранливите категории граѓани во Кочани и Македонски брод.
Конкретно, се работи за распределба на 43 станови во општната Кочани во станбена зграда на улица „Ѓорче Петров“ број на зграда 2, како и 10 станови во општината Македонски брод во станбена зграда на улица „Партизанска“ број на зграда 1, изградени по програмата за изградба и оддржување на станови во сопственост на Република Македонија – рече Сугарески.

Според критериумите, на огласот може да се пријават само лица кои влегуваат во една од oвие седум категории притоа треба да ги исполнуваат следниве услови:
Да бидат државјанин на Република Македонија,  да бидат со постојано место на живеење во општината каде е изграден социјалниот стан и лицето кое се пријавува да не поседува стан во лична сопственост, на брачниот другар и на полнолетните членови на неговото заедничко домаќинство на територијата на Република Македонија.

Потребната документација лицата ќе можат да ја поднесуваат во Меѓуопштинските центри за социјална работа во општината за каде се однесува огласот, односно во Центарот за социјална работа во Кочани, односно Македонски Брод.

За лицата кои не се во можност сами да ја комплетираат потребната документација, Меѓуопштинските центри за социјални работи во Кочани и Македонски брод ќе ја обезбедат потребната помош за обезбедување на целокупната потребна документација согласно објавениот оглас.

Огласот трае 30 дена, односно до 6 август годинава, што значи дека до тој датум сите заинтересирани ќе можат да ја поднесат документацијата.

– Сакам да напоменам дека подносителот на барањето за добивање на социјален стан може да поднесе документација и да аплицира само за една од седумте категории корисници на социјални станови.  Доколку лицето или некој од членовите на неговото заедничко домаќинство аплицира во повеќе од една од категориите на корисници, сите поднесени обрасци ќе бидат отфрлени.  Социјалните станови ќе се распределуваат во транспаретна постапка преку електронска распределба согласно Методологијата за бодирање на кандидати за добивање на социјален стан под закуп.
Исто така сакам да напоменам дека предност при добивањето на стан ќе имаат децата без родители или родителска грижа –лица над 18 години кои до својата осумнаесетта година биле згрижени во институции и други облици за згрижување за деца без родители.  За секоја од овие седум категории кои претходно ги напоменав како и за условите и потребната документација, сите заинтересирани лица ќе можат да се обратат во Меѓуопштинските центри за социјална работа во Кочани и во Македонски брод како и во Министерството за транспорт и врски за подетални информации.
Исто така огласот веќе е објавен на веб страната на Министерството за транспорт и врски и тука може подетално да се видат критеритумите за распределба за секоја категорија пооделно – изјави Сугарески.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...