Во првите два дена од отворањето на „Копче“ сме навистина задоволни од одѕивот на граѓаните и во однос на донирањето и во однос на купувањето облека. Веќе имаме доволна количина на донирана, добро сочувана облека, која ќе може повторно да ја наполни нашата поинаква продавница. „Копче“ е полно деновиве со добри и насмеани луѓе кои со радост си купуваат по неколку парчиња облека и обувки, објаснува Марина Матеска, стручен соработник за социјално хумана дејност во Црвен крст.
Повод за разговорот со Матеска е отворањето на продавницата „Копче“ каде секој може да донира облека која повеќе не ја носи, ќе може да си купи облека која му се допаѓа и секој ќе може да волонтира и со тоа да даде придонес во општеството во кое живее.
Како е замислен и како функционира концептот на „Копче“?
– „Копче“ е социјално претпријатие кое ќе овозможи поефикасен систем на дистрибуција на облека до лицата во ризик, лесен пристап до облека со ниски цени за сите граѓани со цел да го зачува достоинството на оние кои имаат ниски пирмања, а не бараат помош, вработување на ранливи целни групи и придонес во зачувување на животната средина.
Како овие парчиња облека инспирираат да донесат промени во општеството?
– Парчето облека донирано и купено во „Копче“ ќе овозможи да постигнеме самоодржливост и унапредување на проектот кој е насочен кон обезбедување на навремена и најсоодветна облека за лицата во ризик. Дополнително, ќе го олесниме пристапот до облека со ниски цени за лицата со ниски примања, а тие лица и сите останати со купувањето ќе придонесуваат ефикасно искористување на вишокот облека заради придонес во зачувување на животната средина. Сите лица кои доаѓаат кај нас да бараат облека, а се работоспособни, ќе се стремиме да ги поддржуваме во поттикнување и создавање работни навики, со цел да се вработат и самите да можат да си ја купат облеката. Тоа подразбира придонес кон зајакнување на капацитетите на ранливи групи население и креирање работни места кои имаат за цел да овозможат работна интеграција на ранливи групи население. И секако, помеѓу сите овие цели се испреплетуваат и солидарноста, хуманоста и волонтаризмот кои ќе ги промовираме како највисоки човечки вредности.
Црвениот крст ја донира подарената облека од граѓаните во хуманитарни цели, која како облека од „втора рака“ се продава во „Копче“, накусо како се прави селекцијата?
– Селекција се прави неколку пати. Прво се прави голема селекција во нашиот магацин каде се одделува она што е здраво и добро сочувано, а се фрла она што, за жал, граѓаните ни го испратиле, но е комплетно неупотребливо. Втората селекција се прави согласно потребите кои ги имаме на ранливите групи, на пример, машката облека која се бара во Пунктот за бездомници се одделува за таму, или пак за друга поголема целна група, за која веќе имаме барање, останатото се носи во малиот магацин за уште една детална селекција, а потоа сѐ што е потребно се пере и пегла. Тука се одделува облека и за „Копче“ и за Пунктот за облека. Едната количина оди за продажба, а другата количина оди за бесплатно делење со ваучер. Ваучер може да добијат само ранливи групи како што се: бездомниците, болните лица, лица со попреченост, мигранти и бегалци, опожарени лица, поплавени лица итн. Секој кој е во ранливата категорија на лица, прво е потребно да разговара со социјален работник во Црвениот крст на град Скопје, кога се прави проценка на неговата состојба и потребата од тоа кој тип на облека му е потребна.
Облеката се продава по симболични цени, за какви симболични цени станува збор?
– Цените се навистина ниски и најчесто се движат од 10 денари до 400 денари. Се одредуваат според видот на облеката, а потоа и според тоа колку се сочувани и дали се квалитетни и брендирани.
Како граѓаните можат да се приклучат на концептот „Копче“?
– Граѓаните можат да нѐ посетат во „Копче“ секој работен ден од 9 до 19 часот и во сабота од 9 до 14 часот. Исто така, можат да ни се јават на телефонскиот број 070/414-759, да нѐ следат на фејсбук профилот КОПЧЕ/KOPCE или на Инстаграм профилот kopce.skopje.