Во каков ритам чука срцето на првата дама и на шест амбасадорки проверуваа кардиолозите (ФОТО)

Апелирам жените да одат прво на скрининг кај матичните и семејните лекари, а ако треба тие ќе ги упатат на преглед на Клиника. Смртноста од кардиоваскуларни заболувања кај  жените е драстично зголемена - една од три жени умира од овие болести. Очекувам оваа акција да се прошири во целата земја, а почна во 20 ординации во Скопје и околината, порача Ѓоргиевска.

1597
FOTO MIA

Од 15 прегледани жени во акцијата за јакнење на свесноста за женското кардиоваскуларно здравје „Црвен аларм за женското срцево здравје“ една е веднаш задржана на Клиниката за кардиологија, а кај пет биле откриени зголемени масти во крвта и висок притисок.

Денеска во акцијата се вклучија сопругата на Претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска, заедно со сопругите на четворица амбасадори акредитирани во државата и две жени амбасадори.

Со преглед на крвта, мерење крвен притисок, стрес тест, ЕКГ и други испитувања, кај сопругите на амбасадорите беше проверувано, меѓу другото, и колку престојот во Македонија годи на нивното кардиолошко здравје. А како отчукува срцето и на сопругата на нашиот Претседател, г-ѓа Ѓоргиевска, проверуваа кардиолозите, а по прегледот, таа изјави:

– Акцијата ќе трае 3 месеци и апелирам жените да одат во амбуланта прво на скрининг кај матичните и семејните лекари, а ако треба тие ќе ги упатат на преглед на Клиника. Смртноста од кардиоваскуларни заболувања кај жените е драстично зголемена – една од три жени умира од овие болести. Очекувам оваа акција да се прошири во целата земја, а почна во 20 ординации во Скопје и околината, порача Ѓеоргиевска.

В.д. Директорот на Универзитетската клиника за кардиологија, д-р Жан Зимбаков, рече дека има ефект од „Црвен аларм за женското срцево здравје“, кој почна во понеделникот.

– Со акцијата правиме скрининг кај помлади жени, а од 15 жени кои први беа прегледани, една жена кај која кардиолозите открија повеќе ризик фактори е задржана на лекување. Кај пет откривме зголемени масти и висок притисок и дадена им е терапија. Апел до жените да не мислат дека ова е машка болест! Кардиоваскуларните заболувања се осум пати поголема причина за смртност кај женската популација отколку рaкот на дојка. Затоа акцијата е токму со цел да ја зголемиме свеста кај жените дека треба да прават редовни контроли на срцето, и секако да внимаваат многу на ризик факторите: дебелина, недоволна физичка активност, пушење, лоша исхрана и друго. На полот и возраста не можеме да влијаеме, но можеме на другите ризик фактори – изјави д-р Зимбаков.

Пред посетата на оваа установа, прегледи и разговори за ризиците од ова заболување  денеска се извршија и во во ПЗУ Вита Катерина на ул. „Буковиќ“ бб во општина Сарај, која е вклучена во акцијата.

Во оваа амбуланта и на Клиниката се прегледуваа амбасадорките на Украина, Наталија Задорожњук, и на Бугарија, Биљана Ангелова, како и сопругите на амбасадорот на Катар, Нада Ал Сади, на амбасадорот на Италија, Де Фуриа Ромео, на амбасадорот на ЕУ, Маја Жбогар и сопругата на амбасадорот на Унгарија, Сузана Дуксне.

ФОТО: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...