Италија има намера да го спроведе својот план за воведување нов данок на дигиталните компании, вклучувајќи ги и американските технолошки гиганти, и покрај заканите за одмазда кои доаѓаат од Вашингтон, соопшти денеска италијанскиот заменик-министер за економија Антонио Мисијани.
Италија ќе наметне данок од три проценти следната година за одредени интернет трансакции на големите дигитални компании, како „Фејсбук“, „Гугл“ и „Амазон“, се наведува во текстот за нацрт-буџетот.
Американски претставници постојано тврдат дека тој данок неправедно ќе влијае на американските компании. Висок официјален претставник на САД изјави дека претседателот Доналд Трамп бил подготвен да се закани со одмазда на состанокот со италијанскиот претседател СерЏо Матарела минатиот месец во Вашингтон.
– Сегашниот текст на нацрт-буџетот е потврден. Не планираме да го менуваме – рече Мисијани.
Италија и други земји-членки на ЕУ веќе долго време истакнуваат дека им пречи што Фејсбук, Гугл и другите дигитални гиганти кај нив остваруваат огромни профити, а даночните обврски им изнесуваат само неколку милиони евра. Дигиталните компании го пренасочуваат профитот во земји со ниски или дури и нула даночни стапки, како што е Ирска, бидејќи согласно меѓународните даночни прописи обврзани се да плаќаат даноци само во земјата каде што се регистрирани.
Новиот италијански данок треба да го плаќаат само компаниите со годишни приходи поголеми од 750 милиони евра и вредност на дигиталните услуги поголема од 5,5 милиони евра.
Минатиот декември, Министерството за финансии ги процени годишните приходи од новиот данок на околу 600 милиони евра.