Во избирачкиот список има запишано точно 1.805.707 гласачи, соопштија од Државната изборна комисија (ДИК) на првата прес конференција по повод референдумот закажан за 30 септември. Меѓутоа, како што истакна портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска, се очекува оваа бројка да се промени откако ќе заврши увидот во Избирачкиот список.
Тој е започнат денеска и може да се направи во подрачните одделенија на ДИК или електронски. Ќе трае до 23 август, а ДИК ќе го заклучи списокот на 7 септември. Граѓаните кои ќе одат во одделенија потребно е со себе да носат и важечка лична карта или пасош.
– Увидот ќе може да се врши од 9 до 19 часот, а последниот ден на 23 август увид ќе може да се прави до 24 часот. Електронската апликација за проверка е достапна нон-стоп. Измени на податоците, запишување или бришење во списокот граѓаните може да го прават со соодветно барање – рече Гугучевска.
Како ДИК ќе се справи со тоа што на иста адреса се водат повеќе гласачи, таа вели дека промени во списокот можат да направат само врз основа на валидни документи.
– Тие луѓе се наоѓаат на тие адреси на избичкиот список затоа што МВР им издало лично карти на таа адреса. Ако при јавниот увид тие лица утврдат дека имаат нова лична карта со друга адреса треба да извршат промени – вели Гугучевска.
За оние кои се починати, со документ семејството може да побара бришење од списокот. Од ДИК потенцираат дека Избирачкиот список тие го прават врз основа на податоците од институциите односно од МВР, Управата за матични работи и основните судови во Македонија.