Ова е одговорот од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на новинарско прашање за барањето од министерот за одбрана на Турција, Хулуси Акар, за време на неговата посета на Скопје, да се преземе акција против припадници на Фето.
За подетални информации за тоа до каде се постапките Спасовски ги упати новинарите за одговори до Министерството за правда. Плусинфо се обрати и до таму, но веќе втор ден оттаму нема одговор. Молк има и од обвинителството на прашањето дали тие имаат некакви информации и дали се води некаков предмет за оваа организација.
Оваа тема беше актуелна изминатите неколку дена, а за неа коментираше и премиерот Зоран Заев. Тој изјави оти не верува дека ФЕТО ќе стане услов за ратификацијата на Протоколот за НАТО од страна на Турција, бидејќи како што вели со Турција сме големи пријатели. Заев пред два дена во интервју за 1ТВ рече дека доколку има каков било доказ ќе се постапува.
– Турција знае дека мора да почитуваме меѓународни стандарди и правила. И секако ако има било каков доказ, ние ќе постапиме за било што. Се знае која е процедурата за екстрадиција, за постапување ако се работи за тероризам или било што. Ние сме сепак европска земја, со европски манири и сакаме да ги почитуваме тие правила. Секако, секогаш внимателно гледаме на нивните аргументи, ако има било кој аргумент, јавно ќе го објавиме, ќе кажеме и ќе постапиме по него. Не значи дека ако до сега не сме постапиле дека во иднина со соодветни докази по постапки по нашите закони но и по меѓународните легислативи ќе постапиме – вели Заев.
Организацијата ФЕТО повторно стана топ тема во земјава по посетата на турскиот министер за одбрана Хулуси Акар, пред два дена, кој побара деновиве да има реакција од властите.
Акар рече дека стари структури на ФЕТО, која официјална Анкара ја смета за терористичка и нови моменти поврзани со нив имало во Северна Македонија.
Анкара очекува од земјава конкретни мерки за и двете земји да „се спасат од таа терористичка организација”, бидејќи, како што оцени Акар, им наштетува на односите на двете земји, го саботирала пријателство и братските односи.
Во Македонија, прашањето за структурите кои се сметаат за блиски до Фетула Ѓулен, свештеникот противник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се отвори пред три години, по неуспешниот обид за пуч во Турција.
Тогаш турската агенција Анадолија објави список со фирми кои се сметаат за блиски до Ѓулен. Тогаш се пишуваше дека станува збор за седум такви училишта, а функционирале и фирми за транспорт, трговија, здравство и туризам. На листата според агенцијата, тогаш беа основните и средните училишта „Јахја Кемал”, неделникот „Заман Македонија“, организацијата „Седеф“, во областа на туризмот агенцијата „Башак“, потоа компанијата за транспорт „Реинбоу“ и ланецот од маркети ЕВАР, „Здружение на бизнисмени“, Фондациите „Шафак“ (Şafak) и „Толеранс“.
Одговорни лица на турскиот колеџ „Јахја Кемал“ досега неколку пати изјавуваа дека тие немаат никаква поврзаност со Фетула Ѓулен, ниту финансиска, ниту каква било друга и дека се работи за македонска компанија која веќе 20 години без никакви проблеми функционира во Македонија.
Министерот за одбрана Акар осве листи, вчера рече дека имаат „имиња на некои од поглавните лица“ кои ги споделиле меѓу институциите .
Во август 2016 година за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ се појави информација и дека македонската влада донела одлука за затворање на турските училишта и организации поврзани со муслиманскиот свештеник, но тоа официјално никој не го потврди. Од дел од организациите тогаш негираа каква било поврзаност со Ѓулен.
Тогашниот министер за внатрешни работи Митко Чавков во 2016 година изјави дека Македонија дава силна поддршка на легитимно избраните институции во Република Турција и веројатно ќе се бараат правни и законски механизми во Република Македонија за реализирање на определени цели. Чавков изјавата ја даде на новинарско прашање дали ќе се затвораат организации и компании кои тогаш биле доставени како листа, а по потврдата дека на владина седница било одлучено „да се даде поддршка на политиката на Турција“.