Во затворот во Шутка ќе се менуваат дневните рутини за прошетки

Откако детално ќе биде разгледан, од Управата до Шутка ќе испратат препораки кои, според нашите информации, ќе бидат во насока на промени во дневните протоколи и рутини на функционирање во затворот, меѓу кои ќе бидат и такви за начинот и распоредот на излегување во затворските шеталишта.

348

По инцидентите со ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, затворот „Скопје“ во Шуто Оризари ќе добие препораки од Управата за извршување на санкции како да ги решат пропустите кои ги имаше оваа установа и дали и што треба да се промени во начинот на функционирање.

Затворската управа веќе изготви извештај за тоа што се случило на 21 февруари кога беа регистрирани два одделни инциденти, и тој е доставен до Владата, а се најде и на бироата на министерката за правда, Рената Дескоска, и на директорот на Управата за извршување на санкции, Јовица Стојановиќ.

Откако детално ќе биде разгледан, од Управата до Шутка ќе испратат препораки кои, според нашите информации, ќе бидат во насока на промени во дневните протоколи и рутини на функционирање во затворот, меѓу кои ќе бидат и такви за начинот и распоредот на излегување во затворските шеталишта. Но, што конкретно ќе предложи Управата под чија надлежност се затворите, ќе се знае дополнително откако извештајот од затворот ќе биде разгледан детално и препораките ќе се испратат до затворот.

Инаку, како што веќе објавивме, покренати се дисциплински постапки за 11 вработени во Шутка. Оваа бројка може да расте. Во споменатиот извештај од затворот се наведува дека задолжените за обезбедување направиле пропусти и ги прекршиле протоколите, а како резултат на тоа дошло до првиот инцидент на 21 февруари. Вториот, кој бил за неполн час, можел, но не се спречил.

Покрај извештајот, директорот на затворот во Шутка, Ѓоко Котески од професионални и морални причини до Владата ја достави и својата оставка. Истата, попладнево, се најде на владина седница, но дали ќе биде прифатена или не, од Владата ќе одлучат по претседателските избори.

Како што е познато, по одделните инциденти минатиот четврток, ексминистрите биле примени во затворската амбуланта, а Миле Јанакиески беше префрлен и во градската болница „8-ми Септември“, од каде потоа известија дека нема сериозни повреди туку само набиеници.

Во петокот, неговата мерка притвор беше заменета со куќен притвор откако беше прифатена жалбата на неговите адвокати.

Тој заедно со Ристовски, кој остана во затворот, е меѓу осомничените во новата истрага на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција која се однесува на организаторите на „27 април“. Притвор за нив беше побаран поради опасноста од бегство и можноста за влијание врз сведоци. Осомничен во случајот е и поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски, за кого не се одлучуваше за притвор бидејќи „преживеа“ неговиот пратенички имунитет, а на листата осомничени се и експремиерот Никола Груевски, кој избега во Унгарија, и поранешниот разузнавач Никола Бошковски, кој, пак, е во азил во Грција.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...