Мислев дека исчезнаа сите можни причини да си го трошам времето и зборовите на еден политички штетник и апсурден лик каков што е Ѓорге Фикус Иванов, но на ова ме поттикна еден краток разговор со уредничка на една странска ТВ куќа. Побараа изјава од мене по повод неговата изјава дека нема да гласа на референдумот пред македонските иселеници во Њу Џерси и Детроит во САД, каде што, пак, беше за да учествува на Генералното собрание на ОН. Две во едно, работава. Поточно, две сосема различни работи во едно.
Побараа коментар од мене, за изјавата на цел еден претседател на државата, во која тој експлицитно изјавува дека ќе го бојкотира референдумот. И тоа, ни помалку, ни повеќе, на тлото на пријателска држава, водечка членка на НАТО. Храбро? Не. Глупаво? Да.
Суртук
Прашањето беше што ова значи и „дали оваа изјава од државниот врв, седум дена пред референдумот, ќе го загрози исходот од овој процес“. Бев зафатен со семинарот за набљудувачите на Цивил, така што не можев никако да го напуштам своето место и да говорам пред нивните камери, но прашањето го одговорив во неколку реченици.
„Оној суртук од претседател е узурпатор на претседателската функција, одговорен за долга низа политички, противуставни и други криминални постапки и злоупотреби“ – ја брифирав ТВ уредничката, користејќи малку послободен речник, бидејќи не беше во официјална изјава. „За жал, иако окупира функција што навистина треба да го претставува врвот на државата, тој потполно ја девалвира и маргинализира веќе со години. Никому веќе не му е важно што тој изјавува, а секоја постапка му е штетна и недржавничка. Тој е фигура што никој веќе одамна не ја сфаќа сериозно. Неговата изјава може да има влијание врз овој или било кој друг процес во Македонија, колку што би имала временската прогноза дека нема да се промени времето утре.“„Значи, не го загрозува референдумот?“ – ме праша уредничката низ констатација.
„Не, тој не може, нема кредибилитет за да загрози било што, а ниту да помогне во било што“ – одговорив.
Непотребно и апсурдно
Да, непотребно и апсурдно. Тоа е краткиот опис на неговата изјава. Никој и не очекуваше ништо поинакво од некој што молчеше повеќе од осум години, а кога отвори уста, само бељи направи. Неговите постапки направија големи штети за кои треба да одговара, но штетите што ги претрпеа неговите стопани што го поставија на тоа место, се уште поголеми (аман, бате, не ме брани). Накратко, со ваквото однесување, овој лик е контрапродуктивен за тие за кои работи. Секако не работи за интересите на Македонија.
„Каква будала!“ – ми вели еден другар утринава, коментирајќи ја изјавата на Иванов – „Дури и да се мислев дали да излезам на гласање на 30-ти, сега сигурно ќе излезам после вакво нешто. Срам да му е, ни ја срами државата!“
Навистина, да ги тргнеме на страна емоциите, па и да се воздржиме од слободниот речник со кој безброј луѓе го квалификуваат Иванов (не дека не го заслужува), малку ми е непријатно кога се изразувам така. Како и да е, оваа изјава кажува најмалку две работи за Иванов и само една за анти-кампањата.
Отсега, сѐ ќе биде полесно
Првата работа е што Иванов очајно се обидува да остане во фокусот на вниманието и тоа го прави на евтин начин, без ни малку одговорност и разум. Долгогодишниот молк што го следеше неговото претседателствување, а оттаму и широко прифатениот прекар Фикус, пред крајот на вториот (незаслужен) мандат, тој го прекина со серија скандали и постапки против Уставот и политичкиот морал (ако постои такво нешто). Му се допадна светлината на рефлекторите, па се навлече на тоа и по секоја цена се обидува да го одржи вниманието на себе. Се труди да го засени Мицкоски, очигледно.
Втората работа што ја откриваме за него од оваа изјава е дека тој одеднаш откри дека некој може да го нарече и лидер, па нека бидат тоа и лумпен радикални националисти и недоволно политички писмени индивидуи и групи. Тој ќе мора да го помине остатокот од својот живот во тоа друштво, а на крајот да биде шутнат и од таму, бидејќи не им завршил работа. Таму попрво една гротеска од Бачев може да се снајде подобро отколку него, но самиот си е виновен за тоа.
Неговата врска со странските тајни служби е веќе елаборирана.
Оваа негова изјава покажува и една работа за анти-кампањата во која тој неповратно потона како во жив песок. Анти-кампањата е испланирана до детали, се протега по целата вертикала на државата и општеството. Но, станува очигледно и дека е осудена на неуспех. Многу е веројатно и тоа дека никогаш и немало план да успее, туку само да предизвика што е можно повеќе штета.
Затоа, Иванов, тенк јури велику мачку (thank you very much).
Ако ништо друго, видовме кој е кој и колку добро ѝ мисли на Македонија. Отсега па натаму ќе биде многу полесно. Освен ако не се продолжи праксата на тивка амнестија… знаете за што зборувам.