Во деветте центри на Диаверум дијализните третмани се со подеднаков квалитет како тие во Шведска

Борис Зјациц, главен оперативен директор во компанијата Диаверум, најави можност пациенти од 20 земји каде тие имаат дијализни центри, а кои ќе сакаат да ја посетат нашата земја, тука да добијат бесплатен дијализен третман во сите 9 болници со кои тие управуваат. 

382

Во 9 болници во земјата пациентите добиваат врвен дијализен третман кој е со подеднаков квалитет како услугата што ја добиваат пациентите во Шведска и пошироко во Европа. Компанијата Диаверум овозможува дијализен третман на 670 пациенти во Северна Македонија за кои се грижат 270 медицински работници. Годишно има 101.000 третмани кои во секоја болница се спроведуваат според клинички стандарди, кои подлежат на ревизија секоја година, изјави денеска главниот извршен директор на Диаверум, Димитри Мулавасилис, на свеченото одбележување на своите активности во земјава во пресрет на Светскиот ден на бубрегот – 14. март.

Диаверум започна со своите инвестиции во земјата во октомври минатата година, преземајќи ја компанијата која управува со девет центри за дијализа во Скопје и источниот дел на земјата, а тоа, како што беше нагласено, е досега најголема шведска инвестиција во земјата. Од оваа компанија најавуваат нови инвестиции и врвен медицински третман за македонските пациенти на дијализа.

Според Мулавасилис, Диаверум е водечки давател на здравствени услуги за третман на бубрежно болни лица во 20 земји на неколку континенти.

– Нашата мисија е на секој наш пациент да му овозможиме здравствена грижа која ќе го подобри квалитетот на неговиот живот. Среќни сме што и на пациентите овде ќе им понудиме врвна услуга, а преку соработка со надлежните институции ќе создадеме одлична можност за размена на знаења и искуства во повеќе области со што ќе бидеме активен партнер во напорите на институциите за осовременување на здравствените услуги – нагласи директорот Мулавасилис, кој најави и нови инвестиции во нашата земја.

Борис Зјациц, главен оперативен директор во компанијата, најави можност пациентите од 20 земји каде тие имаат дијализни центри, а кои ќе сакаат да ја посетат нашата земја, тука да добијат бесплатен дијализен третман во 9те болници со кои тие управуваат.

Во врска со тоа каде е Македонија во регионот според цената на една дијализа која изнесува околу 90 евра, тој кажа дека тоа е најниската цена и во регионот и  пошироко во Европа, а дека тие обезбедуваат оптимална здравствена услуга за пациентите.

Главниот фокус на шведската компанија Диаверум, по влезот во земјава, се и инвестиции во дополнително унапредување на медицинската услуга, едукација на стручен персонал и на пациентите и примена на најсовремената медицинска пракса во областа на третманот на бубрежно болните лица.

Мрежата на Диаверум ја сочинуваат најсовремени центри и клиники за третман на бубрезите во 19 земји во Европа, Америка и Азија. Седиштето на компанијата е во Шведска, каде пред повеќе од две децении била отворена првата клиника.

– Шведскиот здравствен систем е организиран на начин кој овозможува здравствените услуги да бидат достапни за сите, согласно најсовремените медицински протоколи. Македонскиот здравствен систем го има истиот приоритет. Токму тоа е и дополнителен мотив со заедничко споделување на искуствата и интензивирање на соработката да се придонесе кон подобрување на овој сектор во интерес на сите граѓани. Инвестицијата на Диаверум во земјата е одличен чекор во таа насока – истакна амбасадорот на Шведска во земјата, Матс Стафансон.

Во компанијата Диаверум во светот работат над 11 илјади вработени кои се грижат за здравјето на над 35 илјади лица со бубрежни заболувања, од превентивната нега, хемодијализата, домашна нега, па сѐ до трансплантација.

Душко Ѓоргиев, претседател на здружението на бубрежно болни „Нефрон“, изјави дека со воведување на концесионерството значително се подобриле условите во центрите за дијализа, се користат нови машини.

– Пациентите добиваат квалитетна дијализа во своето место на живеење, а порано мораше да патуваат и по 100 километри, а за нив се грижи едуциран и стручен персонал. Но, тука не смее да се запре и токму во тој дел се нашите очекувања од еден кредибилен и искусен оператор каков што е Диаверум, да воведе и дополнителни процедури и услуги освен дијализата. Нашите очекувања за во иднина се пациентите да може своите дијализни третмани да ги вршат и надвор од државата во мрежата на центри на Диаверум, со што ќе се овоможи нивно слободно движење и патување. Ние сме тука и да пофалиме, но и да критикуваме – нагласи Ѓоргиев.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...