Во Дебар расте бројот на заболени од морбили

208

Од Подрачната единица на Заводот за јавно здравје во Дебар потврдуваат дека расте бројот на заболени од морбили.

До денеска регистрирани се 20 случаи, сите во Дебар, што е за три случаи повеќе споредено со вчерашниот ден, а има и неколку сомнителни случаи.

– Повеќето од заболените се над триесетгодишна возраст и не биле целосно вакцинирани, освен двајца кои ги имале примено двете дози на МРП вакцината. Сите се во роднинска врска или соседи и имале меѓусебен контакт, изјави епидемиологот Ментор Меља, раководител на единицата, која со својата активност ја покрива и општина Центар Жупа.

Тој упати апел до сите оние кои не ја добиле потребната вакцина за оваа болест, на возраст од една до седум години, да се јават во Службата за вакцинација при Општата болница во Дебар и да се вакцинираат.

Во рамки на превземените мерки извршена е дезинфекција на просториите во детската градинка „Брешија“.

Инаку, првиот случај е регистриран кон крајот на мај кога член од семејството за време на престојот во Албанија заболел од морбили, а веднаш потоа и неговите родители.

Институтот за јавно здравје вчера на својата веб страница објави дека во Дебар е прогласена епидемија на мали сипаници и оти се регистрирани 17 случаи, а за четири лица се уште се чекаат конечните лабораториски анализи. Денеска бројката на заболени е 20.

Во подрачјето на Дебар и Центар Жупа морбилите се сметаа за искоренета болест,бидејќи последните случаи се регистрирани пред повеќе од две децении

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...