Македонските граѓани ја поминуваат границата со Грција само со патни исправи. Ливчињата кои мораше да се пополнуваат на граница за да се влезе кај јужниот сосед, како замена за пасош, од полноќ се вон употреба. Граѓаните веќе ја поминуваат грчката граница само со пасош.
Грчките власти дури вчера издале наредба до пограничните служби за примена на новите правила за влез на македонски државјани во Грција.
Печати на кои стои „Оваа патна исправа ѝ припаѓа на Република Северна Македонија“ веќе неколку дена се ставаат на пасошите на граѓаните на влез и излез од државата. Текстот е на три јазици: македонски, англиски и француски и ќе се применува на постоечките патни исправи.
Граѓаните до 2024 година треба пасошите да ги заменат со нови.
Од владата вчера изјавија дека се бара решение за документите со кои граѓаните на земјава се пријавуваат во Канцеларијата за врски на Грција, а кои, поради старото име на државата, во претходните денови не им ги примале.