Во градинката „Пролет“ еколошки систем за греење и ладење

267

Со поддршка од Планот за чист воздух градинката „Пролет“ во Општина Карпош почна да користи нов, еколошки систем на греење и ладење, преку користење термални пумпи кои работат на системот „воздух – вода“, информира владата.

– Со промената на системот на греење и напуштањето на нафтата, драстично ќе се намали нивото на ПМ10 честички во воздухот и емисијата на штетни гасови. Промената обезбедува замена на околу 16 тони нафта на годишно ниво со обновлив извор на енергија, што ќе значи 11 килограми помалку присуство на ПМ10 честички и намалена емисија на СО2 во воздухот.

Елиминирањето на изворите на загадување и промената на системите за загревање на јавните установи и институции е еден од клучните предуслови за почист воздух и системско решавање на проблемот со аерозагадување.

Дополнително, заштедите на објектот ќе се движат од 55 – 65 отсто во однос на досегашниот систем на греење со нафта. Исто така, предвидено е автоматско управување и контрола на системот, кој ќе користи евтина ноќна тарифа, одлука која е донесена од оваа Влада.

Со ова ќе се овозможи и создаде топол и удобен престој на децата  во текот на целиот ден, додека во летниот период истиот систем ќе се користи и за ладење, со што ќе се заштеди струја од системот на инвертори што сега се користат во просториите на градинката.

Општина Карпош со поддршка од Планот за чист воздух, во вредност од 55.000 евра, го отстрани и последниот потенцијален загадувач во урбаното јадро, имајќи предвид дека сите други градинки се приклучени на централниот систем на греење. Планот за чист воздух е план кој овозможува еколошка заштита и економска заштеда, пишува во соопштението.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...