Во возот за НАТО и ЕУ

667

Во времето кога еден од најголемите писатели на минатиот век Жан Пол-Сартр (1905-1981) го објави својот автобиографски роман „Зборовите“ (Les Mots, 1963), според многумина ремек-дело во неговиот импозантен уметничи опус, основополoжникот на егзистенцијализамот во европската филозофска мисла имаше 58 години. Во едно поглавје од тој роман, од дистанца на безмалу половина век, тој зборува за себеси-дете на седумгодишна возраст, а зборува на два начина: а) еден, обичен за уметничката литература, кој развива мала приказна од која треба да извлечете скриена порака и б) друг кој во збиена, концизна форма (поента) ја генерализира таа порака.

Приказната на Сартр (очигледно, плод на неговата имагинација) зборува за човек кој задремал на клупа во воз на релацијата Париз-Дижон и тоа без билет. Доаѓа контролор. Тој бара да му плати за билет по зголемена цена, како што се постапува со оние што немаат билет. Патникот вели дека немал пари. Кога бара да го легитимира, патникот без билет му објаснува дека немал лична карта. Ја заборавил дома. „Далеку од тоа да да го оспорам правото на контролорот“, вели Сартр низ устата на патникот без билет, „јас го бранев своето право на почит кон мене“. Веднаш потоа додава дека тој вид одбрана била „точка на крајно понижување“ и затоа ја менува својата стратегија.

Патникот без билет почнал да му објаснува на совесниот контролор дека тој патувал за Дижон во некоја многу важна и тајна мисија, не само за Франција туку и за човештвото. Со оглед на таа толку важна и тајна мисија, во целиот воз не би можело да се најде друг човек со поголемо право на воз за Дижон од патникот без билет. „Јасно, стануваше збор за повисок закон што противречи на прописите“, вели Сартр низ устата на својот патник без билет, кој го потсетува упорниот контролор „дека ќе дојде до тешки компликации кои ќе се струполат врз неговата глава до колку го спречи патувањето“ на тој патник во важна, тајна мисија не само за Франција туку и за човештвото.

По таа, очигледно смислена приказна која, на индиректен начин зборува за тоа како почнал да се обликува духовниот видокруг на седумгодишно дете кое било „обожувано“ (idolatré) во непосредниот свет на неговото семејство, авторот на романот „Зборовите“ ја дава својата поента, попрво филозофската мисла што ја издига скриената порака на таа приказна (наратив) на рамниште на порака со трајно, универзално значење. Таа мисла гласи: „Таква е гордоста, одбрана на клетниците“. Тука треба да се додаде дека, на тоа место на кое Сартр зборува за „клетници“ (les miserables), подобро легнува описот „луѓе отепани од Господ“. Ако веќе посегнав по зборот „клетници“, тоа го сторив затоа што еден голем роман од Виктор Иго (Les Miserables) e преведен кај нас со тој збор.

Сите ние во предреферендумска Македонија сме луѓе без билет во возот кон евроатласнските интеграции (НАТО и ЕУ) кои, очигледно, избегнуваат да го платат – Договор со Грција и уставни промени, како и серија крупни, радикални реформи кои не помалку болат. Избегнуваат, затоа што е „таква гордоста на отепаните од Господ.“ Ама, како што вели Сартр, тоа е гордост на седумгодишно дете. Таа гордост не мисли дека „Македонија е сè што имаме“, како што кажа, при еден повод, покојниот претседател Киро Глигоров. Не мисли дека „разумот“, одлика на возрасен и зрел човек, е подобар од оној на дете. Не се замора со некоја „совест“ и „срце“ на кои се повикува водачот на ВМРО-ДПМНЕ иако биле  многу „растегливи категории“ (С. Ордановски). Напротив, гордоста е сè што имаат отепаните од Господ. Гордоста е нивната единствена одбрана од ударите на живот кој ги осудил на голо и мачно преживување-понижување.

А, пак, кога еден живот се сведува на голо преживуваење-понижување, живот-судбина на огромен број луѓе во сегашна Македонија на пат кон Европа, не е тешко да се разбре зошто, како оној јунак од романот на Сартр, сакаат без билет (ако се може!) да се прошверцуваат во возот за НАТО и ЕУ. Иако дури 85% од тие луѓе сакаат да се качат на тој воз. Но не и да ја платат цената за тој билет. А цената е: Договор-компромис со Грција кој е добар тогаш кога страните што водат преговори се подеднакво „неаздоволни“ (Меркел), како и радикални реформи што се плаќаат со „солзи, пот и крв“ (Черчил).

Тоа што може да се разбере за многу луѓе што живеат во сиромаштија или се на работ на беда и сиромаштија, кои држат до гордоста како единствана одбрана од ударите на животот, тешко може да се разбере или, уште подобро, воопшто не може да се разбере за луѓе од некои политички елити (опозицијата со нејзиниот Мицковски) кои со неподнослива леснина (Кундера) манипулираат со таа гордост на отепаните од Господ. А зошто го прават тоа?

Очигледно е дека се во прашање две практични цели (иако приземни) од кои едната е примарна, а втората секундарна. Првата, примарна цел е по цена неуспешен референдум да се потпали гордоста на сите оние што не се малку и кои немаат што да загубат освен својата гордост. Таа потпалена гордост („живот даваме, името не го даваме!“) на предвремени парламентарни избори треба да ги врати, на голема врата, на власт. Втората, секундарна, главна и скриена цел е да ја спасат претходната политичка елита на ВМРО од заканата долгогодишна робија, многу извесна во серија судските процеси во тек.

А може би и може лесно да се разбере. Ако е точно дека тие луѓе (Грујо и тајфата) имаат многу пари и силни структури во сегашното ВМРО-ДПМНЕ, во кое нивниот сегашен водач е нешто како „мажоретка“ (С. Ордановски), при сè што имало и сили (Јанев и Богоевски) кои, според германскиот парламентарец Јуратовиќ, можеле од ВМРО-ДПМНЕ да направат демократска конзервативна партија, тогаш е јасно и зошта една таква елита манипулира со гордоста за која зборува Сартр низ устата на својот патник без билет.

На таа елита во сенка, на која и се заканува долгогодишна робија, не и останува друго освен по секоја цена да се врати на власт и како власт да се спаси од робија. Оти, за конкретен човек под закана од конкретна робија, ЕУ, НАТО, Македонија и сл. се голи апстракции во споредба со неговиот конкретен живот. Пред тој живот во раскош и слава сега стои иднината на понижувањето робија. Една мизерија многу поголема и пострашна од мизеријата на сите оние што немаат што да загубат освен нивната городост.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...