Силна поддршка од сопартијците, видни членови на ВМРО-ДПМНЕ добива Владимир Ѓорчев, по објавата на кандидатурата за претседателски кандидат на претстојната Конвенција на ВМРО-ДПМНЕ.
Веднаш по неговото обзнанување на кандидатурата поддршка му даде неговиот сопартиец, пратеник и поранешен министер за надрворешни работи Антонио Милошоски.
И поранешниот амбасадор на Република Македонија во НР Кина и во Малта, Оливер Шамбевски, јавно на Фејсбук, ја изрази неговата поддршка за Ѓорчев.
„Владимир Ѓорчев го познавам повеќе од 20 години. Вчера прочитав дека ќе поднесе кандидатура на Конвенцијата за избор на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Република Македонија и најискрено мислам дека е одлично решение од неколку аспекти.
Владимир е исклучително посветен човек на идеалите кои ја формираа оваа држава. Тој во ВМРО-ДПМНЕ е постојано и е активен од самите нејзини почетоци, а кога ова го зборам ги имам предвид и помалку тешките години за ВМРО, но особено ги имам предвид тешките години за ВМРО.
Заради природата на мојата работа како амбасадор сум бил сведок на неговата исклучителна популарност кај меѓународната заедница и тоа во неколку наврати. Неуморен е во градењето пријателства со влијателни луѓе во меѓународната заедница и сметам дека тоа многу ќе и помогне на Македонија“, напиша Шамбевски.
Ѓорчев доби поддршка и од Александар Спасеновски, поранешен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
„Искрено верувам дека тивкото мнозинство наши сограѓани со тебе ќе добие автентичен мотивиран претставник кој ќе знае како да ги заштити и унапреди заедничките интереси за семејството, за заедницата и за државата“, напиша Спасеновски на Фејсбук.
Ѓорчев доби поддршка и од Мери Георгиевска, ќерка на покојниот режисер Љубиша Георгиевски кој еден мандат беше и претседател на Собранието, потоа од актерот Петар Темелковски, како и од поранешниот градоначалник на Маврово – Ростуше од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Мукарем Мемеди, од општински комитети на партијата и други видни членови на ВМРО-ДПМНЕ од земјава и дијаспората.
Истовремено со кандидатурата на Ѓорчев за претседателски кандидат не се согласуваат членови на ВМРО-ДПМНЕ и поддржувачи.Тие иницираа таканаречен отпор против идејата тој да биде кандидат за претседател на РМ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. На списокот се најдоа: новинарите Миленко Неделковски и Мирка Велиновска, аналитичарот Александар Пандов, професорите Тања Каракамишева и Сашо Климовски како и Тони Науновски.
Лидерот на партијата Христијан Мицкоски, вчера изјави дека засега не застанува зад ниедна кандидатура. Кој ќе биде кандидат на партијата ќе се знае по конвенцијата во Струга.
ВМРО-ДПМНЕ конвенцијата за избор на претседателски кандидат ја закажа за 16 февруари во Струга.