Покрај ДПА и крилото на БЕСА предводено од Африм Гаши, постигнат е договор во Владата да влезе и партијата на Амди Бајрам, Сојузот на Ромите, потврди премиерот Зоран Заев.
Партијата на Бајрам нема да добие министерско место, туку кадар од неговата партија ќе добие функција во пониските ешалони на извршната власт. Министерско место, како што вчера објави Плусинфо, ќе добие ДПА. Сигурно, кажа Заев, е дека лидерот на ДПА Мендух Тачи нема да биде дел од Владата туку некое друго кадровско решение од неговата партија.
Заев не сакаше да споменува имиња ниту на министри од СДСМ кои ќе бидат сменети. Тој најави дека очекува во наредните денови формализирање на предлозите и нивно испраќање до Собранието.
По изјавите на функционери од ДУИ, прашан зошто Али Ахмети наместо премиерот да одлучува кои министри од ДУИ ќе се менуваат, Заев рече дека тој како мандатар и премиер го има последниот збор.
– Како мандатор сум овластен да предлагам, разговарав со политичките партнери. Секој во своите редови преговара, но на крајот конечниот предлог е на премиерот. Процесот на одлучување е сѐ уште во тек. Сакам да бидам внимателен, веднаш штом ќе бидат познати ќе ѝ соопштиме на јавноста – рече Заев.