По инаугурацијата во Собранието, Стево Пендаровски ќе се упати кон вилата „Водно“ каде на официјална церемонија ќе му биде примопредадена функцијата претседател на државата со највисоки воени и државни почести.
По свечената церемонија е предвидено претседателот Ѓорге Иванов и претседателот Стево Пендаровски да одржат тет-а-тет средба, по што ќе следува и заедничка средба на двајцата претседатели со вработените во Кабинетот на претседателот.
Пендаровски ќе има и билатерални средби со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, со претседателот на Република Албанија, Илир Мета, како и со претседателот на Република Косово, Хашим Тачи.
Новиот претседател на државата ќе има билатерални средби и со министерот за надворешни работи и европски интеграции на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, со заменик министерот за надворешни на Република Турција, Фарук Кајмакчи, како и со државниот потсекретар во МНР на Република Полска, Пјотр Вавжик.