Во Веро центар ќе се направи најголемата чоколадна торта во Македонија

172

Врвни шефови за слатки од земјава во сабота во Веро центар во Скопје ќе ја направат најголемата чоколадна торта во Македонија која потоа ќе им ја поделат на присутните посетители. Приготвувањето на најголемата празнична торта долга четири метри ќе се одвива во рамките на Првиот чоколаден фестивал што го организира „Веро“ во соработка со „Гастромак“ во сабота во Веро центар со почеток од 11 часот.

Покрај тортата, посетителите ќе уживаат и во рачно изработено чоколадно село во кое секој елемент може да се јаде, голем Дедо Мраз направен од чоколадо, чоколадно семејство во зимски услови, пралини, чоколадни тартуфи и многу други слатки производи со новогодишни и божиќни мотиви, креации кои ќе бидат само мал дел од изложбената понуда на фестивалот.

Врвни шефови од „Гастромак“ предводени од мастер шефот за слатки Снежана Ангеловска ќе се обидат да го соборат рекордот за изработка на големата чоколадна торта, во чиј вкус ќе уживаат сите посетители на чоколадниот фестивал точно напладне. Посетителите ќе ги видат и бројните креативни изработки од чоколадо и различни чоколадни фигури кои ќе бидат изложени во холот на Веро центар додека трае фестивалот, што всушност ќе претставува прва самостојна изложба на уникатни чоколадни изработки во земјава.

Дополнително, шефовите за слатки за најмладите посетители ќе организираат чоколадна работилница во која тие ќе изработуваат цртежи сликајќи со чоколада, што ќе биде уникатно и возбудливо искуство за нив. Празничната атмосфера ќе ја збогати Дедо Мраз кој ќе се фотографира со дечињата и на кого тие ќе му ги откријат своите најскриени новогодишни желби.

– Чоколадото нѐ потсетува на најволшебниот празничен период во годината кога уживаме во различни слатки вкусови. Годинава решивме уште повеќе да им ја доближиме таа магија на посетителите на Веро центар и заеднички да уживаме во врвните чоколадни вкусови и креации на уникатен начин.Тоа е основниот концепт во работењето на Веро – на нашите потрошувачи секогаш да им нудиме уникатни и возбудливи искуства кои долго ќе ги паметат – вели Љубица Короскоска, маркетинг-директор на „Веропулос“ во Македонија.

Првиот чоколаден фестивал се организира во рамките манифестацијата „Чоколенд“, која „Веро“ традиционално ја организира во декември за да им овозможи на потрошувачите да уживаат во чоколадото и во другите слатки вкусови во претпразничниот период.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...