Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се извршени две кардиохируршки интервенции кај деца во Одделот за детска кардиохирургија, предводен од единствениот лиценциран кардиохирург за деца во земјава, Владимир Чадиковски. Двете операции се покриени од државниот Фонд за здравствено осигурување, а во болницата, која е регионален лидер, беа извршени со поддршка на исклучителни професионалци, специјалисти од болниците на „Аџибадем“ од Истанбул, информираа денеска од оваа Клиничка болница.
Двете деца кои се оперирани се деца под една година, односно бебиња на девет и 11 месеци. Кај нив биле дијагностицирани сериозни вродени кардиолошки аномалии, односно едното било со дијагноза вентрикуларен септален дефект и изразена пулмонална хипертензија, додека другото е со суправалвуларна аортна стеноза. Операциите траеја од 4 до пет часа, но децата десет дена по оперативниот зафат се пуштени на домашно лекување.
Д-р Чадиковски вели дека децата се постоперативно добро и им посакува побрзо да се вратат во нормална секојдневна динамика на животот.
Операциите се изведени под надзор на професор д-р Тајар Сариоглу од „Аџибадем“ од Истанбул, кој се смета за основополжник на детската кардиохирургија во Турција.
„Аџибадем Систина“ со овој тип интервенции кај деца, кои од неодамна се покриени и од државниот фонд, докажува дека е од рангот на светските клинички болници во кои се изведуваат сериозни кардиохируршки интервенции кај деца.
– Ми претставува задоволство да работам во оваа институција, особено со целиот персонал што работи во ‘Аџибадем Систина’ и секако посебно со професионалците кои дојдоа од ‘Аџибадем’ од Истанбул. Детската кардиохирургијата е од огромно значење не само за ‘Аџибадем Систина’ туку и за државата. Добиваме поддршка од менаџментот на нашата болница и целта ни е заедно да направиме еден референтен центар на детска кардиохирургија – вели д-р Чадиковски.
Со развивање на детската кардиохирургија, „Аџибадем Систина“ го подигнува нивото на третман на пациентите во оваа мултидисциплинарна гранка, која е една од најтешките за работа.