Општина Аеродром распиша јавен повик за изработка на проекти за четири нови паркови коишто во наредниот период ќе се градат на повеќе различни локации.
Три од парковите, како што денеска соопштија од општината, се планира да се изградат во Стар Аеродром. Еден ќе биде долж улицата Методија Шаторов Шарло на површина од 3.200 квадратни метри, вториот покрај улицата Новопроектирана 1 на површина од 4.600 квадратни метри, а парк ќе се гради и на раскрсницата меѓу улиците Пандил Шишков и Фрањо Клуз на површина од 1.000 квадратни метри.
Изградба на нов парк со површина од 2.500 квадратни метри е планирана и меѓу зградите во индустриската зона УЕБ покрај булеварот Трета македонска бригада.
Од општината информираат дека во тек е и тендерската постапка за избор на фирма за новиот парк во населбата Мичурин, чија изградба треба да почне во следниот период.
„Општина Аеродром останува посветена на своите заложби за заштита и подигнување нови зелени површини на својата територија. Во таа насока има набавено околу 1.800 високоизраснати дрвја што ќе се садат на повеќе локации во општината“, се наведува во соопштението.