Припадници на копнената војска и хеликоптер Ми-17 на Воздухопловните сили се обидуваат да го изгаснат големиот шумски пожар на Стара планина и националниот парк Рила, соопшти Министерството за одбрана на Бугарија.
Во напорите за гасење на пожарот се вклучија и 21 припадник на воената единица за реагирање при елементарни непогоди.
Главниот комесар Николај Николов, раководител на Генералниот директорат за пожари и цивилна заштита, рече дека пожарот на Стара Планина зафаќа површина од повеќе од 4.000 хектари, од кои една третина на територијата на Бугарија, а остатокот во Србија.
– За среќа, пожарот се шири главно на пасиштата, а не кон шумите. Во гасењето се вклучени 150 Бугари и околу 200 Срби. Во тек е истрага за причините за избувнување на пожарот – рече Николов.
Началникот на секторот за вонредни ситуации на Србија, пак, Предраг Мариќ преку соопштение вчера информира дека нема загрозено население во пожарот.
– Напоменувам дека нема загрозено население, ниту објекти и дека на терен се сите расположиви средства и персоналот од Секторот за вонредни ситуации кој работи на локализација на пожарот – наведува Мариќ во соопштението