Војна на симболи?

978

Добив два-три рафални, донекаде остри и подналутени коментари од филологот Л.П. Илиеска на мојата последна колумна „Консолидација, господа, не парада!“ На мое мало изненадување, а можеби и на оние што ја следеа таа ФБ-полемика на тема парада или консолдација, заврши со ласкаво признание: „секоја чест што детектирате што недостасува“.

Во еден од тие коментари Л.П. Илиеска истакнува дека таа „како филолог“ мошне се израдувала затоа што конечно и ние „добивме ден“ кој ќе го слави нашиот јазик. Многу веројатно, како што Албанците го слават денот кога била установена нивната азбука. Веднаш потоа додава и нешто кое, според мене, заслужува посебно внимание. Таа потсетува дека „парадата ја носи со себе симболиката отколку што ја има практичната фунција…“

Секако и бездруго! Секако може да се рече, како што мисли филологот Л.П. Илиеска, дека „парадата“ ја носи со себе „симболиката“ што ја нема во која било „практична функција“. По проста причина што се две драстично различни работи кои потекнуват од два различи света. Симболиката потекнува од и живее во светот на имагинацијата. Тоа е светот на мислите. „Практичната функција“ потекнува од и живее во реалниот, материјален свет во кој и со кој живееме сите ние што голтаме, вариме некоја сосем конкретна, материјална храна без која не би можеле да преживееме. Не некоја  „симболична“. При сѐ што ни без неа не се може. Затоа што на човекот му треба и „духовна храна“.

Тоа сѐ уште не значи дека некоја влада па, според тоа и актуелната влада на Заев, не треба да се занимава со симболика. Напротив. Впрочем, ние тукушто оставивме зад себе една мачна, тоталитарна деценија во која владата на пастир Никола Груевски отвори тотална војна со симболи со нашиот јужен сосед Грција на која списка, без око да ѝ трепне, неверојатни 700 милиони евра. Не значи ни дека сегашната влада влегува во континуитет на таа тотална војна со симболи со владата на пастирот. Иако на свој начин му контрира. Макар дискретно, макар тешко видливо на прв поглед, актуелната влада радикално го менува античкиот симболички репертоар, а пак тоа си има своја смисла. Која и каква?

За многумина, меѓу кои спаѓа и мојата скромност, „подвигот“ на пастир Никола беше скудоумен до безумие „идентитетски инженеринг“ кој силно удри по нашиот јазик кој е со своја цврста словенска основа. Никако античка. Да му се направи гигантски (22 метри висок!) споменик на Александар Мегалос (како што го викаат Грците) кој ги фрла во дебела сенка спомениците на сесловенските првоучители св. Кирил и Методиј, да се постави тој колос во најстрогиот центар на Скопје, тоа значи да му се каже на светот: вие сте потомци на еден антички „воин на коњ“. Не духовни чеда на генијалните сесловенски просветители Кирил и Методиј. Иако човекот станува човек во јазикот и со – јазикот! Иако Александар од Пела „по вторпат се роди“, како што вели Бенвенист, во јазикот на Хомер кој, потоа, го ширеше во Азија (У. Еко). Не во оној што го зборуваше татко му Филип во Пела. „Вы сошли с ума“, би рекол на тоа покојниот Борис Елцин кој, откако ја призна Македонија под нејзиното уставно име, не пропушти да потсети дека таа била лулка на сесловенската култура. Што значи и на неговата матична, руска, која важи за една од водечките во светот.

А што значи, ако значи малку или ништо од тоа? Значи, во прв ред, дека тоа се мотиви кои постојат. Кои имаат своја улога со оглед на контекстот во кој една влада носи одлука да прогласи ден на македонскиот јазик. Кон нив треба да се придодат и некои други. Меѓу нив еден се изделува како посебно важен. Тој мотив се врзува со Законот за албанскиот јазик во јавна употреба. Тој Закон, како што се знае, не го потпиша претседателот Иванов. Тој чека на потпис на шефот на парламентот Џафери за да може да се објави во Службен весник и да стапи во сила. И тој мотив му дава содржина на политичкиот контекст кој добива на сила што влијае врз одлука на влада за која тука станува збор.

Сега, зошто јас повеќе држам до некоја „консолидација“ на некоја област и дејност која нашите претходници ни ја оставиле во наследство, а помалку до гест кој глорификува дејност? Затоа што полесно се слави и прославува нешто кое сте го добиле како наследство. Многу потешко се одржува живо и во живот. Потешко е да се продлабочува и збогатува наследство. Најпосле, Преспанскиот договор стави точка на една долгогодишна, безумна војна со симболи во име на секојдевниот праксис од кој, во кој и со кој се живее. Или, животот е тој што прави симболика. Не симболиката – живот! Вистина, таа му доѓа како мирудија на секој живот. Ама, безбели, прво е тој живот, а дури потоа – мирудијата!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...