Терасите на кафулињата се преполни. Скопје, Битола, Велес, Кавадарци, Тетово, Струмица, Струга, Куманово… Повеќето се млади. Најголем дел од нив се со мобилните в рака, претежно на Фејсбук. Коментираат коментари…
Иако имаат полесен пристап до информации, младите помалку се информираат од повозрасните. Полесно им е да се оддадат на инстант забавата и шундот, отколку да ги следат, па и да бидат дел од политичките трендови во земјата. Мрзливи се, апатични, незаинтересирани… Тоа се најчестите квалификации што ќе ги слушнете од повозрасните генерации. Некои од нив одат и дотаму што го шират убедувањето дека моралот на младите е во распад, дека се расипани и користољубиви. И да е точно тоа (а не е!), не се виновни Марсовците, туку општеството што го деградираа токму повозрасните и оние што тие ги форсираа да застанат на чело на државата. Го водеа општеството во пропаст и сиромаштија, а младите, повеќето од нив, единствениот спас од неизвесност и сиромаштија го гледаат во заминувањето од земјата, во Европа.
Младите не се ни глупави, ни расипани, ни мрзливи. Тие сакаат да живеат во Европа, а премногу се разочарани од сопствената земја, за да негуваат надежи дека и таа ќе стане Европа. Го изгубија трпението, што е својствено на младоста и во право се. Тој квалитет и може да ги води напред, нетрпението е дел од условите да се биде активен.
Во оваа „војна“ на генерациите во Македонија, на демаркационата линија застанува референдумот на 30 септември.
Со референдумот, сите добиваат можност да бидат дел од еден процес со еднаква важност како оној во 1991 година кога станавме независна држава. Младите, според тоа што го читам од истражувањата, го поддржуваат позитивниот исход од референдумот, а кажуваат и дека ќе излезат на гласање.
Сепак, има една стапица. Такви какви што се атмосферата и околностите во нашето општество, можно е дел од нив да апстинираат, иако на прашањето дали ќе гласаат одговориле потврдно. Малку фали младите гласачи да одлучат да не појдат до избирачкото место. Мамурлак од саботното излегување, матине со другарките и другарите, интимна средба (мама и тато се на пат), дожд, па и мрза (легитимно е да се биде мрзлив во недела!)… Сето тоа може да биде „добар“ изговор за апстинирање од гласањето… Се разбира, овие изговори се далеку од добри, но се дел од реалноста.
И тоа не е случај само во Македонија, да не бидеме премногу самокритични. И во една Велика Британија, дел од про-европските поборници меѓу младите не излегле на гласање, мислејќи дека брегзитовците и онака нема да успеат. И утредента добија студен туш. Затоа, добро е да се извлечат поуки, а притоа да се има на ум дека гласањето не зема премногу време.
Ако младите сакаат да бидат дел од една историска одлука за нивната земја, треба да заборават на „добрите“ изговори за апстинирање и да го искористат своето право на глас. Се разбира, без оглед на тоа дали се ЗА или ПРОТИВ. Јас лично не сакам јавно да се изјаснам, бидејќи не сакам ни најмалку да влијаам врз одлуката на луѓето, но цврсто сум убеден дека апстиненцијата од гласањето во еден демократски процес никогаш не е добра за никого.
Младите не треба да им дозволат на старите да одлучат наместо нив. Нивна е иднината, тие ќе бидат граѓанки и граѓани на оваа земја далеку подолго од нас, па затоа во нивни раце треба да биде одлуката. Секако, тоа важи за сите што имаат право на глас, таа голема моќ на одлучување (!).Гласачката кутија не е далеку. Пешки се стигнува до неа.
Зошто да дозволам некој друг да одлучи наместо мене? – тоа е прашањето. Со ова не тврдам дека гласот ќе биде злоупотребен, но со апстинирањето, се изземаме од одлуката, а конечниот исход ќе биде резултат од пребројаните гласови на оние што потрошиле дваесетина минути да гласаат, а не на оние што не гласале. А сите заедно треба да живееме со тие одлуки. По гласањето, во кое не сме учествувале, не вреди ни да се бунтуваме. Можеме само да се разочараме, како што се разочараа огромниот број луѓе со право на глас во Велика Британија. И сега мора да се носат со тешките последици од таа апстиненција, заедно со мнозинството Британци што се каат што веќе не се дел од ЕУ.
Ова е важно да се запомни и сподели. Сѐ друго се стилски вежби. Им ги оставам на тие што мислат дека се попаметни.