Што ќе се случи ако Референдумот не успее? Парламентот ќе го прими на знаење резултатот, ќе се отвори глупава, мачна и долга анти-дебата која ќе ја прекине Талат Џафери и ќе се гласа во корист на Спогодбата меѓу Македонија и Грција.
Во меѓувреме, постојат многу аргументи што говорат дека Референдумот ќе успее, дури и со резултат кој ќе биде позитивно изненадување и за најголемите оптимисти. Да не одиме подлабоко, доволно е да се има предвид дека луѓето секако ќе излезат и ќе гласаат. ЗА или ПРОТИВ, тоа е нивна работа. Ако веќе прогнозираме, верувам дека мнозинството гласови ќе биде во поддршка на Спогодбата. Луѓето не се будали! Тие добро знаат дека излез од децениската мизерија на земјата во која сите живееме се токму нејзините евроатлантски интеграции. И дека го напуштаме името ФИРОМ, дека идентитетот, јазикот и историското наследство на Македонците, не само што ќе бидат заштитени, туку ќе станат видливи и признаени – што не е случај сиве овие години.
Тоа сигурно го разбираат повеќето гласачи што ќе одлучат да им го свртат грбот на националистите, лажговците и насилниците. Нема да им успее операцијата ни на пропагандистите што се закануваат дека ќе ги фотографираат оние што ќе гласаат и дека ќе има „последици“ по нив, откако ќе се вратат на власт. Нема да се вратат на власт, не вакви, бидејќи тоа нема да им го дозволат гласачите. И тоа го знаат сите, па и најнаивните и најуплашените.
Дури и дел од активистите на контроверзното Бојкотирам, ќе сфатат дека е разумно да излезат на гласање на 30 септември, па дури и ќе гласаат за. И Солза знае дека треба да гласа за, па сигурно и ќе гласа. Може, еве, да се пријави како болно и изнемоштено лице и да го викне Избирачкиот одбор дома, а утредента да продолжи со својата неславна задача, да ги исполни ветувањата дадени на многу погрешни места (знаете за што зборуваме тука). Па, и кутриот Груевски ќе гласа и тоа со едно големо ЗА, бидејќи знае дека со секој ден приближување на Македонија до Европа, условите во затворот каде што ќе престојува, навистина ќе се подобруваат.
Изолационизмот што го наметна кликата на Груевски е во силен контраст со победата на Заев и Ципрас над национализмот. Националистичкиот клептократски режим на коалицијата Груевски-Ахмети создаде впечаток дека целиот универзум е во неколкуте ТВ канали и смешно-патетичните кампањи на апашите од ВМРО-ДПМНЕ што сега парадираат на пистата пред Кривичен суд. Нивното време изминува. Не се даваат лесно, имаат пари и влијание во секоја пора од општеството, а помогнати се и со кампањата од Исток и со грешките и бавноста на сегашната власт, но заминуваат.
Националистите ги живеат своите пет минути, силно поддржани од Москва, а со логистиката на пребогатата ВМРО-ДПМНЕ. Тука е тивката соработка на ДУИ со деструктивните структури на довчерашните коалициски ортаци. Неколку други албански структури во сево ова гледаат шанса да зграпчат дел од моќта, но не е исклучена ни врската со странските агентури. Штетите што ги нанесоа во изминатите две години сите овие, ќе мора да ги трпиме од денот по Референдумот. Нивната кампања на почетокот покажуваше знаци на софистицираност, но брзо стана провидна и крајно агресивна. Тоа ќе ги отрезни сите што во еден миг ќе сфатат дека животот е нешто повеќе од апсурдна омраза и поделби.
Во тек е војна против Македонија, со лажни вести, омраза, вулгарност и насилство. И глупост во неограничени количества. Војна од која разумот и прогресот ќе излезат како апсолутни победници.