Вошките ги има насекаде. Може да се закачат буквално на секого. Сѐ што ги интересира вошките е крвта, без оглед на тоа колку е богато и сиромашно, валкано или чисто општеството. Нивната боја често се менува во согласност со бојата која превладува во средината во која напаѓаат.
Вошките се многу издржливи и прилагодливи, а секако и многу потентни. Нивниот пород, гнидите, се многубројни. На вошките им одговара да има што повеќе гниди, затоа што од нив потоа израснуваат нови, масни, крвожедни вошки. Тие се суетни и опасни, но меѓусебно се разбираат и се поддржуваат, без оглед на бојата, големината и индивидуалните амбиции и способности. Од друга страна, што понеспособна е вошката, толку е покрвожедна.
Вошките се мутанти. Тие цврсто се закачуваат на својот плен, така што ниеден млаз вода, жежок, млак или студен не може да ги збрише. Без оглед на тоа колку е силен шампонот, тие успеваат да преживеат. Нивниот организам и одбранбени механизми се извонредно флексибилни и мутираат за да се справат со сите нови начини на борба против нив. И гнидите, нивните безгласни деца, се исто толку прилагодливи и успеваат да преживеат и во најтешки услови за нив.
Вошките ги снесуваат своите јајца, гнидите, блиску до пленот, крвта на општеството. Така, гнидите, збиени во гроздови, уште додека се мали, го чувствуваат благодатниот мирис на жртвата. Уште додека се мали, првата способност со која се стекнуваат гнидите е да ги менуваат боите за да се претопат во општеството, да не бидат препознаени, додека пораснат во вошки. После, сѐ е полесно.
Вошките се бесмртни. Иако науката вели дека може да се истребат, тие преживуваат низ епохите без никаков проблем. Долго време се веруваше дека најдобар лек за нив е да се изолираат една по една и да се смачкаат. Во моментот на смачкување, вошката испушта одредена количина крв. Нападнатото општество тогаш мисли дека уништила барем една вошка и преоѓа на следната цел, да уништи некоја нова вошка. Но, вошките имаат способност да воскреснат. За момент исцедени, изгубиле крв, онаа што претходно ја исцедиле од своите жртви, се притајуваат додека уништувачите на вошки се фокусираат на некоја друга вошка што ја откриле и… Воскреснуваат!
Вошките и гнидите се неуништливи. Тие се супер суштества! Живеат богато од крвта на своите жртви и постојано го шират својот круг. Многу инсекти сакаат да бидат вошки или барем гниди, да бидат посвоени од вошките. Вошките се интелигентни и без никаков проблем ги прифаќаат различните инсекти, но само оние што се искрено посветени на цицањето крв. Затоа, ги прифаќаат и различните од нив, бидејќи знаат колку е важно прилагодувањето на сите концепти. Се разбира, во согласност со нивните апетити. Па затоа, некои од нив велат: Едно општество за сите? Да, може! Едно општество за сите вошки! И нивните гниди.
Вошките, гнидите и нивните посвојчиња се секогаш оптимисти, без оглед на општествено-политичките услови. Колку и да е сиромашно општеството, секогаш има доволно крв за цицање.