Властите на Шри Ланка воведоа вонредна состојба, која ќе стапи во сила денеска на полноќ. Одлуката е донесена по серијата напади во кои загинаа најмалку 290 луѓе, соопшти администрацијата на Маитрипала Сирисена.
Воведени се посебни мерки „за да им се овозможи на полицијата и на трите активни сили во земјата да ја осигураат јавна безбедност”, се вели во соопштението, кое се однесува на пешадијата, морнарицата и воздухопловните сили.
Повеќе од 1.000 војници се распоредени за да се грижат за безбедноста во Коломбо, трговска престолнина и најголемиот град на Шри Ланка.
Вонредната состојба е воведена и поради откриените 87 детонатори за бомби на територијата на главната автобуска станица во Коломбо.
Најмалку 290 луѓе загинаа, а 500 се повредени во вчерашната серија напади врз цркви и хотели на Шри Ланка, соопштија утртово властите.
Тие исто така наведоа дека се приведени 24 лица осомничени за поврзаност со нападите.
Засега никој не ја презеде одговорноста за нападите во земјата, која со децении, до 2009 година, војуваше со тамилските сепаратисти. Бомбашките напади во главниот град за време на тој период беа чести. Локалните христијански групи истакнуваат дека во последниве години тие се соочуваат со повеќе заплашување од некои екстремни будистички монаси.
Од вкупно 22 милиони жители на Шри Ланка, околу 70 отсто се од будистичка, 12,6 од хиндуистичка, 9,7 од муслиманска и 7,6 отсто од христијанска вероисповест. Во последниот извештај на Стејт департментот за човековите права на Шри Ланка се наведува дека некои христијански групи и цркви информирале за притисок да ги завршат молитвените средби поткако властите ги оквалификувале како „неодобрени собири“. Во извештајот се посочува дека будистичките монаси редовно се обидуваат да ги затворат светите места за христијаните и муслиманите.