Ваква политичка реторика на омраза, каква што шири изборниот штаб на Гордана Силјановска Давкова, под команда на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, не е забележана во поновата македонска политичка историја. Ги поминуваат сите граници дури и на политичка непристојност вообичаени за нашата политичка сцена.
За само една недела официјална изборна кампања, во интерпретациите на опозициската жестока пропаганда на говор на омраза, државата е целосно пред пропаст, со неа владее картел од криминалци, предавници и воени злосторници, предводени од Заев, во неа има само криминал и корупција, умираме по разни физички, психички и етички основи, најмногу етнички, Македонците ги снемува, се давиме во крв која тече низ улиците и во сопствените повраќаници… Секој ден има нова, пострашна епизода во овој катаклизмичен, заканувачки наратив: ако не се мигрантите, тогаш е иселувањето или сипаниците или химната или чумата што само што не ги зафатила сите, од пензионерите до новороденчињата, или колапсот на здравството, транспортот, јавната администрација, загадувањето, пожарите, поморот на рибите и мувите, што да е, само да е смртно, одвратно и безнадежно. Потоци од јад, болка и чемер!
„Ако еден премиер не ја доживува болката на народот, тогаш тој не е со народот и треба да си оди“, изјавила Силјановска Давкова во Струмица, откако го обвинила Заев дека тој во политиката бил само од „лукративни причини“ за да го „фати моментот“ и да „стане богат“… Заев да стане богат?! И тоа им го зборува во Струмица – оф ол факинг плејсис!? Ви се молам, ова го кажува бившата министерка во владата на СДСМ, единствено запаметена по семејните фри-шопови и по омразата кон Албанците?!
Некој би требало на кандидатот и на предводникот на опозицијата да им објасни дека, аманте луѓе, се работи само за претседателски избори кои не треба да се прашање на живот и смрт за кандидатите и за нивните поддржувачи. Кога ќе се пребројат гласовите, некој ќе победи, друг ќе изгуби, но сите тие (а и ние) ќе треба да продолжиме со тоа што го работиме, да се среќаваме низ чаршијата, да разговараме едни со други, да мислиме на децата… Мицкоски и Силјановска Давкова, после завршувањето на оваа непријатна политичка авантура, за очекување е да продолжат со своите уважени професорски кариери држејќи предавања на студенти кои се од сите етнички, социјални, културни, па и идеолошки ориентации, а не да се организираме во збегови по планини и шуми и од таму едни на други да гледаме преку нишани!
На страна што, со ваква реторика, со овие политички пораки, не постојат НИКАКВИ шанси Гордана Силјановска Давкова да стане претседател на државата. Не знам кој таму ја лаже професоркава, но нема шанса мнозинството што ќе излезе да гласа на претседателските избори да застане зад овој налудничав, излезен вон контрола политички вокабулар кој повеќе приличи на некаква поднапиена кафеанска прослава пред да се прогласи фајронт или на вистинска предвоена состојба, а не на редовни претседателски избори кои се случуваат во време кога независна Македонија, во последните 30 години, е веројатно на врвот на својата безбедносна и политичка стабилност, на прагот од влегување во асоцијации кои ќе ја гарантираат и потстрекнуваат таа стабилност и развој на уште подолг период.
Или, всушност, тоа им е проблемот?
Не знам кој им ги толкува значењата на резултатите од анкетите што им ги прават во штабот на опозицијата и дали врз основа на тие толкувања се формулираат пораките и насоките за водењето на кампањата, но јас би препорачал на тие луѓе да им се спроведе вонреден систематски преглед, уште денеска! Оти ова не е само глупост и незнаење, мора да има подлабоки психолошки проблеми во таа матрица. Не може политиката да биде оправдување за ширење нечија злобна патологија.
Ако продолжат во овој тон и со вакво издание и во преостанатиот дел од изборната кампања, опозицијата ќе се соочи со тежок изборен пораз. Не знам да готвам или да танцувам, но ова можам да ви го гарантирам.
Извор: Цивил медиа