Вонреден надзор во установите каде била лекувана родилката од Охрид

Извршен е вонреден инспекциски надзор кај матичниот гинеколог во Охрид и во охридската болница, а дополнително ќе се изврши надзор на Клиниката за гинекологија и акушерство и КАРИЛ во Скопје. Доколку има потреба, Министерството за здравство ќе формира и стручна комисија

265

Државниот санитарен и здравствен инспекторат веднаш презеде мерки, извршен е вонреден инспекциски надзор кај матичниот гинеколог во Охрид и во охридската болница, а дополнително ќе се изврши надзор и на Клиниката за гинекологија и акушерство и на КАРИЛ во Скопје. Согласно наодите од ДСЗИ, доколку има потреба, Министерството за здравство ќе формира и стручна комисија која ќе изврши вонреден инспекциски надзор во здравствените установи каде се лекувала пациентката, одговараат од Министерството за здравство во врска со тоа дали ќе се испитуваат причините за смртта на 29-годишната родилка од Охрид, која почина на КАРИЛ, две недели по породувањето во охридската болница.

Пациентката имала и Lupus, хронична системска болест. Првично беше пренесено  дека лекарите утврдиле дека причината за смртта е сепса. Од ЈЗУ Општа болница Охрид вчера соопштија дека причината за смртта на родилката не е гинеколошка компликација и тврдат дека брисот од раната од царскиот рез бил негативен.

– Министерството за здравство искрено жали и сочувствува со семејството на починатата родилка од Охрид. Според информациите од болницата во Охрид и клиниките во Скопје, кои ја третирале пациентката, ГАК и КАРИЛ, станувало збор за пациентка која поради историјата на болеста била третирана како ризичен пациент во бременост. На скопските клиники се преземени низа мерки и медицински зафати да се спаси животот на пациентката, која од болницата во Охрид дошла во исклучително тешка состојба – нагласуваат од Министерството.

Бебето, кое по раѓањето остана згрижено во болницата во Охрид, за среќа, е во добра здравствена состојба и од вчера е кај семејството.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...