Со активности низ повеќе градови во македонија волонтерите на ЕВН го одбележаа Светскиот ден на волонтерство 5-ти декември.
Во населбата Ново Лисиче во Скопје во парк покрај станбени објекти, волонтерите на ЕВН направија игралиште за забава и рекреација од моторни гуми, електрични кабли и кабелски котури. Долж автопатот Скопје – Велес беа засадени 2.450 садници, а гостиварските волонтери ги разубавуваа просториите на Дневен центар за лица со посебни потреби и ги едуцираа штитениците на домот за значењето на енергијата.
Волонтер во скопската група беше и Штефан Петер, Претседател на Управниот Одбор на ЕВН Македонија.
– Волонтирањето е желба и волонтерите за својот вложен труд не добиваат надомест. Со тоа се потврдува дека вредните нешта во животот не се секогаш креирани од парите, некогаш за тоа се потребни желбата, човековиот труд и идеите. Програмата за волонтирање на ЕВН е посебна по тоа што на вработените им нудиме целосна поддршка во реализацијата на волонтерските активности корисни за локалните заедници, како што е и денешната – изјави Петер.
Поддршка на активностите од проектот „ЕВН Волонтира“ даде и градоначалникот на општина Аеродром, г-дин Златко Марин. Според него секој труд вложен во вакви проекти е за доброто на поединците и за локалната заедница.
Проектот ЕВН Волонтира се реализира и во соработка со граѓанската организација „Конект“ чиј што претставник Никица Кусиникова истакна дека ЕВН е позитивен пример за тоа како бизнисите треба да соработуваат со граѓанскиот сектор.
„ЕВН волонтира“ создаде нова енергија меѓу вработенисте. Волонтирањето придонесе не само за локалните заедници во Македонија туку и во зајакнувањето на тимскиот дух на компанијата. До сега се реализирани над 30 волонтерски акции, а „ЕВН волонтира“ ј доби и националната награда за најдобри општествено одговорни практики во 2018 година во категоријата односи кон вработените и истовремено ја доби и главната награда за најинвентивна практика на годината.