По пет месеци макотрпна работа со помош на хуманите граѓани од Малешевијата и наши иселеници, домот на семејство Мирчовски од село Русиново кој на 23 март годинава изгоре во пожар, од денес повторно е осветен и спремен за нов почеток на семејството кое брои 12 члена.
Највозрасниот член на семејството Здравко Мирчовски денес не можеше да ја опише благодарноста кон сите кои придонесоа семејствот повторно да се издигне од пепелта.
– Сега сме во подобра состојба со изградена куќа, со сместени дечиња, внучиња, така да сме сите, веќе можам да кажам, обезбедени со кров над глава. Доста сме благодарни од мештаните, пошироко од нашите мештани од државата и дијаспората. Има доста луѓе кои многу ни помогнаа. Немаме зборови сето тоа да се каже, самата слика го кажува чинот на хуманост – истакна Мирчовски.
Во возбновувањето на домот, како што додаваат од ова семејство, од почетокот до сега учествувале над 150 помагатели, додека секојдневно по 45 луѓе работеле на куќата, која вечерва е спремна да ги прими гостите кои се поканети на нејзиниот „освет”.
Помошта за време на возобновувањето на куќата во Русиново, како што информира помладиот член од семејството, Александар Мирчовски, пристигнала од секаде, како во градежен материјал, така и во парични средства и друг вид на помош.
– Се донираше градежен материјал, облека, вода, храна, душеци, хигиенски средства, санитарија, електрика, каблови. Се работеше непрекинато секој ден, секоја вечер. Се заблагодарувам на луѓето од странство, овдешни граѓани, другари, пријатели, институции. Денеска и официјално се вселуваме, со што нема да бидеме сите на едно место – рче Мирчовски.
Од семејството апелираа до сите граѓани да го следат овој пример, и доколку ваква несреќа се случи на друго место, да бидат сите хумани и сите сплотени да помагаат во рамки на своите можности.