Возниак: Фејсбук од своите корисници направи продукти

Возниак изјави дека Закерберг би можел да ја исправи грешката, но дека тоа нема да го стори.

255
ФОТО: EPA/MAURITZ ANTIN

Соосновачот на „Епл“, Стив Возниак, вчера во изјава за неколку американски ТВ мрежи укажа дека Марк Закерберг нема да направи ништо за да ја „исправи грешката со Фејсбук“.

Закерберг е под огромен притисок од јавноста поради улогата на социјалната мрежа во загрозување на приватноста на милиони корисници и руската вмешаност во изборите во 2016 година. Тој денеска со почеток во 14 часот по локално време (20 часот по македонско време) го започнува сведочењето пред сенатските комисии за правда и за трговија.

Возниак изјави дека Закерберг би можел да ја исправи грешката, но дека тоа нема да го стори.

– Карактерот на личноста на се менува. Се вршат мали измами и се прават лесни дела, но ако заштитата на вашата приватност чини пари, тогаш нема да направам ништо – го опиша тој основачот на Фејсбук.

Возниак додаде дека компанијата „Епл“ целосно се придржува до заштита на приватноста на своите корисници, додека Фејсбук од своите корисници направила продукти.

Тој минатата недела го исклучил својот профил на оваа социјална мрежа како реакција на кршењето на приватноста. Ова го сторија безброј други познати личности во САД.

Закерберг вчера се извини пред американската јавност за улогата на оваа платформа во руската вмешаност и загрозената приватност на милиони Американци.

– Не се осврнавме многу на нашата одговорност и тоа беше голема грешка. Оваа грешка е моја и се извинувам. Јас го започнав Фејсбук, јас го управувам и затоа сум одговорен за тоа што се случи – стои во изјавата испратена до Комитетот за енергетика и трговија на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, сослушувањето денеска се очекува да трае повеќе часови. Четириесет и четири сенатори, членови на двете комисии, ќе поставуваат прашања и секој има по четири минути за прашање и уште толку да слушне одговор.

ФОТО: EPA/MAURITZ ANTIN

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...