Возилата кои помалку загадуваат ќе се увезуваат по помали давачки

Директорот Танасоски нагласи дека за електричните возила воопшто ќе нема данок како и за нови возила за прва помош и за погребални услуги. За возила наменети за такси превозни услуги, повратот на данок изнесува 25 отсто кај автомобилите додека оние што имаат 7+1 и 8+1 седиште,  ќе имаат поврат на данок до 80 отсто. Хибридните возила ќе подлежат на ослободување до 50 проценти од  данокот.

398

Прв пат се воведува данок на возила со еколошка компонента.  Доколку возилото помалку загадува, ќе се плаќа понизок данок за увоз. Предлог – законот за данок на моторни возила е во собраниска процедура, а ќе важи од почетокот на 2020 година. Министерката за финансии Нина Ангеловска и директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски пред претставниците на невладините организации, претставници на Министерството за животна средина и на Град Скопје ги презентираа промените коишто ги содржи новиот закон.

– Досега даночењето на возилата беше третирано исклучиво од фискален аспект на приходи во буџетот. Со новиот предлог-закон се стимулира набавката на еколошки возила. Најчесто купуваните возила меѓу 8 и 15.000 евра, со еуро стандард 5 или 6, ќе имаат дури и помал данок. Целта на новиот начин на оданочување на возилата е да се влијае на намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух во текот на целата година – рече Ангеловска.

Со новата регулатива, пресметувањето на данокот ќе се врши врз основа на две компоненти: вредноста на возилото и висината на емисијата на јаглероден диоксид кај возилото. На овој начин, еколошките возила со пониска стапка на емисија на ЦО2 стануваат економски поисплатливи за набавка во однос на оние кои повеќе загадуваат.

Директорот Танасоски нагласи дека за електричните возила воопшто ќе нема данок како и за нови возила за прва помош и за погребални услуги. За возила наменети за такси превозни услуги, повратот на данок изнесува 25 отсто кај автомобилите додека оние што имаат 7+1 и 8+1 седиште,  ќе имаат поврат на данок до 80 отсто. Хибридните возила ќе подлежат на ослободување до 50 проценти од  данокот.

– Не може преку ноќ да се преуреди структурата на возниот парк кој има просечна старост меѓу 15 и 18 години и во кој само еден процент од возилата имаат еуро 6 стандард. Но, од некаде мора да се почне, новиот закон за данок на моторни возила е прв исчекор, а резултатите можеме да ги очекуваме по 3-4 години – рече Танасоски.

Граѓаните кои ќе набавуваат  возило по стапувањето на сила на новиот Закон, ќе имаат на располагање Калкулатор на веб страната на Царинската управа, за пресметка на  данокот.

Претставниците на невладините организации ја поздравија одлуката за оданочување во полза на животната средина и побараа да се продолжи во оваа насока, со мултисекторски пристап.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...